• понеделник, 04 ноември 2024

Тренчевска: Работиме на менталното здравје со младите за младите

Тренчевска: Работиме на менталното здравје со младите за младите

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Работиме на менталното здравје со младите за младите, децидна е министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која денеска се сретна со претседателот на Младинскиот совет на Македонија, Филип Ивковски и програмската менаџерка, Александра Филипова. На средбата беше претставена Стратегија за ментално здравје кај млади, изработена од страна на НМСМ, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

- За време на средбата, претставниците на НМСМ ги претставија нивните намери и уверувања за важноста на менталното здравје кај младите, особено по Ковид - кризата со која се соочуваше светот во изминатите години. Од страна на претставниците беше посочено дека стратегијата веќе била на расправа во Собранието на Република Северна Македонија со Клубот на млади пратеници, се наведува во соопштението.

Стратегијата, како што се појаснува во соопштението, се фокусира на проактивни мерки за спречување проблеми со менталното здравје кај младите и стратегии за рана интервенција за идентификување и решавање на проблемите во рана фаза.

- Истата ја нагласува потребата да се подигне свеста за менталното здравје на младите, да се намали стигмата и да се промовира писменоста за менталното здравје кај младите, родителите, образовниот кадар и пошироката заедница, се додава во соопштението.

Министерката на состанокот истакнала дека оваа средба соодветствува со моменталните заложби и интереси на Министерството за труд и социјална политика. Тренчевска нагласила дека менталното здравје е фокус на работата на Министерството, како и оти тоа се потврдува со кампањата „Walk and talk“, што се спроведува, а каде младите активно се вклучуваат во разбивање на стигмата за менталното здравје.

Тренчевска ја потенцирала нејзината поддршка за усвојување на ваква стратегија, затоа што тоа ќе доведе до исполнување на заедничката цел - благосостојба на младите. бд/са/

Фото: МТСП

Остани поврзан