• недела, 22 декември 2024

Тренчевска: Опфатот на децата во градинките 48 проценти, до 2028 година ќе изнесува 70 проценти  

Тренчевска: Опфатот на децата во градинките 48 проценти, до 2028 година ќе изнесува 70 проценти  

Скопје, 29 март 2024 (МИА) - Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска денеска информираше дека имаат таргет до 2028 година, 70 отсто од децата да бидат вклучени во градинките.

- Во 2017 година, кога се формира Владата предводена од СДСМ, опфатот на децата во градинките беше од 25 до 27 отсто од вкупниот број деца вклучени во градинките. Денес, тој процент е 48, дополнително ќе се зголеми со градинките што чекаат на отворање. Таргетот ни е до 2028 година, тој процент да се зголеми на 70 отсто деца опфатени во предучилишно образование и секако, тој број да се зголемува, одговори Тренчевска на новинарско прашање на брифингот со новинари во Клубот на пратеници.

Во однос на листите на чекање за прием во градинка, таа кажа дека најкритично е во скопските општини.

- На територијата на целата држава од 2017 година до денес, изградени се 84 градинки со вкупен опфат на над 8 000 деца. Во декември 2023 година, Владата додели четири милиони евра за изградба на нови градинки во општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и во Карпош, подвлече Тренчевска.

Од 2018 година до денес во детските јавни установи вработени биле вкупно 2 881 лице, а бројот на лиценцирани негувателки и воспитувачки во овој период, изнесувал 740 лица. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан