Тренчевска: Дневниот центар за деца со попреченост во Липково ја потврдува успешноста на социјалната реформа
- Специјализираниот Дневен центар кој пружа услови за деца со попреченост во липковското село Оризаре функционира успешно, оцени денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренч

Куманово, 3 октомври 2022 (МИА) - Специјализираниот Дневен центар кој пружа услови за деца со попреченост во липковското село Оризаре функционира успешно, оцени денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска која со градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, го посети Центарот.
Според надлежните, напредокот на децата со попреченост е забележителен и е плод на професионалната поддршка и рехабилитација која ја добиваат и децата и нивните семејтва. По приближно една година од добивањето на дозволата за вршење дејност од областа на социјалната заштита, во современиот Дневен центар на дневно ниво престојуваат 14 деца, а центарот има капацитет да прими 38 деца со попреченост од липковско. Воспоставувањето на оваа социјална услуга и работата на овој Дневен центар се дел од проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка.
-Многу ме радува што гледам дека овој центар работи успешно и што навистина имаме неверојатен напредок кај децата кои престојуваат овде. Му честитам на целокупниот персонал кој со својата посветена и стручна работа се грижат и овие деца со попреченост кои живеат во помалите населени места да добијат еднакви можности да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Тоа се совпаѓа со заложбите на Владата и на Министерството, како и со основните цели на социјалната реформа, а тоа е да се овозможи пристап до неопходните социјални услуги на сите оние на кои тие им се потребни, вклучувајќи ги најранливите групи во општеството, како и оние што живеат во руралните и оддалечените места во државата. Востанувањето и успешното функционирање на овој центар е најдобар показател дека социјалната реформа е успешна, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Со центарот управува здружението „Имаго плус“, чии вработени, поседуваат лиценци за ваков вид дејност, Тие преку индивидуален пристап, обезбедуваат професионален и стручен третман за нега и рехабилитација на секое дете во центарот, подготвуваќки ги успешно да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Услугата што ја добиваат децата во овој центар предвидува индивидуална, групна и окупациска терапија која на децата им помага да го зачуваат и унапредат своето здравје, да го поттикнат нивниот интелектуален, емоционален и социјален развој. Покрај тоа, во овој центар се спроведуваат и стручни советувања и работилници за поддршка на родителите на децата.
Липково беше една од општините која, во партнерство со здружението „Имаго плус“, аплицираше на првиот јавен повик и доби средства од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што овозможи да се воспостави и развие услугата нега за децата со попреченост кои живеат на територијата на оваа општина.
