• понеделник, 26 февруари 2024

Тренчевска: Антикризните мерки ако беа популистички, ќе важеа до изборите

Тренчевска: Антикризните мерки ако беа популистички, ќе важеа до изборите

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Мерките од најновиот антикризен пакет, не се популистички и предизборни, туку се насочени кон најранливите категории на граѓани, тврди министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

- Ако беа популистички и изборни тогаш немаше да бидат во ваков формат и ќе важеа до изборите. Има мерки кои важат пет, шест и седум месеци и мерки што траат цела година, рече вечерва Тренчевска за централниот дневник на телевизија „Сител“.

Во однос на мерките наменети за пензионерите, министерката рече дека не се работи за социјална помош, туку за антикризна мерка со која ќе им се помогне на пензионерите со најниски пензии.

- Само оние кои беа политички мотивирани и кои беа во иницијативните одбори и земаа пензии од 30.000 или 40.000 денари ќе кажат дека ова е социјална помош. Откако ги објавивме мерките, постојано добивам пораки на телефон со поддршка од пензионери од најраливите категории, рече Тренчевска. 

Линеарното зголемување на пензиите како што бараа пензионерите на протестите, според Тренчевска, не е прифатливо решение бидејќи се доведува во прашање опстанокот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Средствата од антикризниот пакет, како што појасни, не се од Буџетот на Фондот на ПИОМ.

- Кога зборуваме за линеарното зголемување, 336 илјади пензионери по неколку месеци може да не земат пензија. Овие средства сега не се од Буџетот на ПИОМ. Мора да ја држиме стабилноста на ПИОМ, рече Тренчевска, оценувајќи дека линеарното зголемување на пензиите би било популистичко мерка. 

Во однос на функционерските плати кои се зголемени за 78 проценти, Тренчевска повтори дека треба да се сменат седум закони и дека постои ризик во Парламентот да не се донесат. Бараме решение да не се зголемат платите во 2024 година, рече Тренчевска, и ќе го најдеме до крајот на годината.

- Во законите кои треба да ги менувате - законите за судии и јавни обвинители се вели дека не смее да се намали платата на судии и  јавните обвинители со закон или со неккава одлука на Влада или државни органи. Наидуваме на пречка. Бараме решение да не се зголемат платите во 2024 година и ќе го најдеме до крајот на годината, најави министерката за труд и социјална политика. бак/аа/

Фото: Принтскрин 

 

 

 

 

 

Остани поврзан