• недела, 22 декември 2024

Почна кампањата „Сложувалка“ по повод 16-те дена активизам за борба против насилство врз жените

Почна кампањата „Сложувалка“ по повод 16-те дена активизам за борба против насилство врз жените

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Во Скопје вечерва официјално почна кампањата „Сложувалка“ по повод 16-те дена активизам за борба против насилство врз жените, во организација на Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на УНФПА во Република Северна Македонија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека изминативе години во светот и кај нас во голема мерка се рушат предрасудите околу родовото насилство, особено насилството врз жените и девојчињата, за што, како што потенцира, говори и тенденцијата што сѐ поголем број жени се охрабруваат и ги пријавуваат случаите на семејно насилство наспроти податокот дека до пред пет години само 2 проценти од жените кои доживеале насилство од  партнерот, пријавиле во полиција, изјаснувајќи се дека домашното насилство треба да се решава во семејството.

-Колку за илустрација, во контекст на полициското соочување со проблемот на семејното насилство, треба да се истакне дека во периодот јануари-септември 2023 година - на ниво на држава беа евидентирани 875 жртви на насилство од кои 678 се жени, сопруги, вонбрачни сопруги, мајки, ќерки.... На овие показатели за истиот период треба да се додадат и 295 жртви на насилство при констатирани и санкционирани прекршоци и 3.776 поплаки против членови на семејството, при што во 2.511 случаи жртвите се жени, рече Спасовски.

Изминативе години, како што посочи, МВР се прилагодила кон новите трендови и стандарди во третманот на насилството врз жената, поставувајќи стандардни оперативни процедури коишто опфаќаат еден широк спектар на активности, не само за идентификување и управување со ризиците, туку и за обезбедување на безбедноста на жртвата во сите фази на полициското постапување. 

Mинистерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека дигитализацијата и социјалните медиуми носат нови облици на насилство врз жените. Токму затоа, потенција таа, оваа година фокусот на кампањата го ставаме на демнењето, онлајн вознемирувањето, говорот на омраза, сексуалното насилство, злоупотребата на интимни фотографии, фемицидите и вознемирувањето на работно место. 

-Секој од овие облици на насилство уверена сум дека ја допира секоја од нас. Верувам дека секоја од вас го почувствувала гневот  во себе за неможноста да ја заштити другарката, колешката од насилникот, но и од немоќта да ја убеди да го напушти насилството токму во мигот на доверување, на слабост и на солзи. Затоа горда сум што ќе кажам дека не говориме само овие денови за борба со насилството врз жените и девојките, ниту јас, ниту моите колеги од Владата, рече Тренчевска.

Таа потенцира дека ќе продолжат да зборуваат против насилството на жените и во наредните денови, а не само на следните осум настани кои се дел од оваа кампања. 

- Ќе продолжиме заедно согледувајќи ги пропустите, броејќи ги предизвиците, чекорејќи кон промените. Насилството ги сокрива потенцијалите на жените, им ја одзема моќта, а со тоа ја одзема силата на нашето општество. Уверена сум дека секој од нас тука верува во еднаквоста, во можностите, затоа Ве повикувам:  да го ставиме нашето парче во сложувалката; да охрабриме, да поддржиме, да пријавиме и да се избориме; да го осветлиме заедно мракот на насилството– за нас, за нашите деца, за оние девојки кои живеат во сенката на молкот и стравот, за жени оние кои ги изгубија своите животи, рече Тренчевска. фф/бак/

Фото: МВР

Остани поврзан