Тргната точката со интерпелацијата за претседателот на Уставен суд, Европски фронт се закани дека ќе ја блокира собраниската говорница
- Собранието денеска го усвои дневниот ред од 59. седница од кој претходно беше тргната точката за интерпелација на претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски. Точката беше симната на предлог на пратеникот Бобан Карапејовски од ЗНАМ, со образложение дека „не сакаат да учествуваат во правно насилство врз Уставот“. На тоа со процедурални забелешки реагираа пратеници од опозицискиот Европски фронт кои бараа точката повторно да се врати.
Скопје, 9 јули 2025 (МИА) - Собранието денеска го усвои дневниот ред од 59. седница од кој претходно беше тргната точката за интерпелација на претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски. Точката беше симната на предлог на пратеникот Бобан Карапејовски од ЗНАМ, со образложение дека „не сакаат да учествуваат во правно насилство врз Уставот“. На тоа со процедурални забелешки реагираа пратеници од опозицискиот Европски фронт кои бараа точката повторно да се врати.
Халил Снопче побара повторно да се гласа за точката, а кооридинаторот на Европски фронт, Блерим Беџети, рече дека нема да дозволат да се дискутира и дека „ќе ја блокираат говорницата“ за другите точки од дневниот ред ако потпретседателката Весна Бендевска не го стави предлогот на пратеникот Снопче на гласање. Членовите на Европски фронт застанаа на говорницата, а Бендевска повика да се гласа дневниот ред и тој беше изгласан.
Според пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, не смее да се покренува интерпелација за претседателот на Уставниот суд, бидејќи тој не е функционер што Собранието треба да го оценува, и додаде дека претседателот на Собранието не требало ни да ја стави таа точка на дневен ред. Додека, пратеникот Димитар Апасиев од Левица реагираше дека Уставниот суд е државен орган и нема причина зошто да не се гласа интерпелација, обвинувајќи за „класична мајоризација од страна на владејачкото мнозинство“.
Како дел од дневниот ред денеска беа утврдени повеќе предлог закони и точки предложени од власта, како што се изборот на член на Комитетот за односи меѓу заедниците од редот на ромската заедница, како и повеќе предлог-закони во второ и прво читање, меѓу кои за вработените во јавниот сектор, административните службеници, стручното усовршување, Македонската радиодифузија, научно-истражувачката дејност, платежните услуги, безбедноста на сообраќајот, воздухопловството, туристичката дејност, културното наследство, библиотеките, државните награди и Кривичниот законик.
Дополнително, на усвоениот дневен ред се и извештаите за работата на Агенцијата за цивилно воздухопловство и Агенцијата за супервизија на осигурување за 2024 година, како и предлог-одлуката за распишување оглас за избор на Народен правобранител, заедно со измените на законите за возила и здравствено осигурување, по скратена постапка.
Сите предложени закони од опозицијата, вклучувајќи го Предлогот на закон за работни односи, измените и дополнувањата на законите за здравствено осигурување, социјално осигурување, данокот на личен доход, социјална заштита, данокот на додадена вредност, заштита на децата, акцизите, данокот на добивка и пензиското и инвалидското осигурување, не беа утврдени како дел од дневниот ред на седницата.ар/хс/
Фото:МИА архива