Трајановски: Аеродром по мерка на граѓаните, концепт што создава, работи и се грижи
- Аеродром не заслужува повторно лаги, манипулации и неостварливи проекти, изминатиот период во директна комунукација со моите сограѓани јасно ми предочија дека на Аеродром му треба подобро образование, чиста и здрава средина, функционален јавен простор и институции што работат во интерес на луѓето, наведува Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ, во изјава за медиумите што МИА ја пренесува интегрално.
13 октомври 2025
Аеродром не заслужува повторно лаги, манипулации и неостварливи проекти, изминатиот период во директна комунукација со моите сограѓани јасно ми предочија дека на Аеродром му треба подобро образование, чиста и здрава средина, функционален јавен простор и институции што работат во интерес на луѓето, наведува Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ, во изјава за медиумите што МИА ја пренесува интегрално.
Затоа, мојот концепт е јасен: Аеродром мора да стане општина по мерка на своите граѓани.
Младите ќе бидат во фокусот на сите политики. Создаваме фонд за млади, локален младински совет и стратегија за нивен развој. Ќе поддржиме млади претприемачи и младински организации, ќе овозможиме доквалификации и преквалификации, а училиштата ќе ги направиме современи, дигитализирани и безбедни места за учење и раст. Ќе обезбедиме финансиска поддршка за младите таленти и ќе организираме бројни културни и спортски настани од интерес на младите.
Нашата визија за чист и зелен Аеродром вклучува реорганизација на комуналните служби, воведување комунална полиција, редовно одржување на јавната хигиена и проширување на зелените површини. Ќе поттикнеме граѓани со еколошка свест, ќе изградиме нови игралишта и спортски зони и ќе овозможиме бесплатни здравствени прегледи и мобилни тимови за поддршка на возрасните.
Аеродром ќе биде безбеден и функционален урбан простор, со нови велосипедски патеки, паметен јавен превоз, урбани лаборатории за младите, паметно осветлување и целосно решавање на проблемот со кучињата скитници. Ќе воведеме дигитална администрација, јавен увид во трошењето на средствата и нула толеранција за корупција.
Во овој мандат ќе ги реализираме капиталните проекти кои ќе го променат ликот на општината: две нови детски градинки во Мичурин и Ново Лисиче, нова општинска зграда со мултимедијален центар за млади, мултифункционален културен центар, нов затворен базен, нови паркиралишта и реорганизација на паркирањето, крај на сообраќајниот хаос, покриен зелен пазар, пензионерски клубови, СМАРТ-осветлување во сите паркови и дворови на градинките и училиштата.
Драги Аеродромци, во недела, на 19 октомври, ве повикувам да излеземе на избори и да го поддржиме концептот што работи, создава и се грижи. Да се избориме за нашиот дом – за Аеродром што ќе биде подобро, почисто и посреќно место за живеење!
Линк до видео: https://youtu.be/qT_kU_aDDHQ?si=mtFiSaf3HJ3WCKUa
СДСМ
Фото: СДСМ