• недела, 22 декември 2024

Трас: Владата подготвува нов план за економски раст, на Британците им е потребна стабилност

Трас: Владата подготвува нов план за економски раст, на Британците им е потребна стабилност
Лондон, 17 октомври 2022 (МИА) - Британската премиерка Лиз Трас денеска изјави дека Владата подготвува нов план за економски раст и нагласи дека на Британците им е потребна стабилност, набргу откако министерот за финансии го поништи речиси целиот претходен мини-буџет на премиерката. Министерот за финансии Џереми Хант го поништи речиси целиот претходен мини-буџет, кој предизвика превирања на пазарот, и најави ограничување на планот за субвенционирање на енергијата, велејќи дека земјата треба да ја врати довербата на инвеститорите. „Британскиот народ со право сака стабилност, поради што се справуваме со сериозните предизвици со кои се соочуваме во влошените економски услови“, напиша Трас на Твитер. „Тргнавме во акција за составување нов курс за раст кој ги поддржува и дава резултати за луѓето ширум Обединетото Кралство“, рече британската премиерка. Хант, кој во петокот беше назначен за министер за финансии, со задача да ги поправи британските јавни финансии откако економскиот план на Трас ја собори вредноста на британските средства на берзите, смета дека земјата прво треба да ја врати довербата и стабилноста пред да може продолжи со економскиот раст. „Останувам исклучително уверен во долгорочните економски изгледи на Обединетото Кралство додека ја извршуваме нашата мисија да го поттикнеме растот. Но, растот бара доверба и стабилност, а Велика Британија секогаш ќе има средства за тоа“, рече Хант. Премиерката Лиз Трас претходно објави двегодишна шема за субвенции за домаќинствата и претпријатијата за време на период на раст на цените на енергијата, во износ од 60 милијарди фунти за шест месеци. Сепак, Хант денеска објави дека шемата сега ќе трае до април, а потоа ќе биде повеќе насочена и ограничена. Хант допрва треба да достави поцелосен среднорочен фискален план на 31 октомври, кога и независната Канцеларија за буџетска одговорност ќе ги објави своите прогнози, соопшти Министерството за финансии. паг/  

Остани поврзан