• четврток, 05 декември 2024

Трамп ќе присуствува на отворањето на реставрираната катедрала Нотр Дам, негова прва посета во странство по изборите

Трамп ќе присуствува на отворањето на реставрираната катедрала Нотр Дам, негова прва посета во странство по изборите

Вашингтон, 3 декември 2024 (МИА) - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го посети Париз в сабота за да учествува на церемонијата на отворање на обновената катедрала Нотр Дам, уништена од голем пожар пред пет години. Тоа ќе биде и негово прво патување во странство по победата на изборите за Белата куќа.

Републиканецот, кој победи на гласањето на 5 ноември и се очекува да ја преземе функцијата на 20 јануари, ја пофали владата на францускиот претседател Емануел Макрон во објава на социјалните мрежи.

„Претседателот Макрон направи прекрасна работа осигурувајќи се дека Нотр Дам ќе го врати својот целосен сјај, ако не и поголем. Тоа ќе биде многу посебен ден за сите!“

Благодарение на големите реновирања, катедралата од 12 век беше целосно обновена.

Во меѓувреме, Трамп го номинираше милијардерот инвестициски банкар Ворен Стивенс за амбасадор на САД во Велика Британија, истакнувајќи дека тоа е престижна функција за главниот донатор на Републиканската партија, кој придонел со 2 милиони долари лични средства во кампањата на новиот претседател само оваа година.

Во меѓувреме, демократскиот гувернер на Калифорнија, Гевин Њусом, најави дека ќе побара создавање специјален фонд од околу 25 милиони долари за можни правни битки против администрацијата на Трамп. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан