Трамп тврди дека бројот на живи заложници во Газа е 21, а Израел останува на ставот дека се уште се 24
- -Денеска бројот на живи заложници е 21. Тројца од нив починаа, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, но не даде детали за тоа како починале тројцата заложници, пишува „Тајмс оф Израел“.
Вашингтон/Тел Авив, 7 мај 2025 (МИА) – Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека бројот на живи заложници во Газа се намалил од 24 на 21, додека претставници на израелската Влада веднаш повторија дека официјалниот број на заложници за кои се верува дека се живи е сè уште 24.
-Денеска бројот на живи заложници е 21. Тројца од нив починаа, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, но не даде детали за тоа како починале тројцата заложници, пишува „Тајмс оф Израел“.
Трамп излезе со коментарот откако сопругата на израелскиот премиер Сара Нетанјаху минатата недела изјави дека бројот на живи заложници не е 24, предизвикувајќи негодување кај семејствата на заложниците кои не беа запознаени со новите информации.
Два дена по изјавите, Трамп рече дека бројот на живи заложници во Газа не е 24, но во тој момент не го прецизираше точниот број.
Откако Трамп ја даде својата проценка, израелскиот владин службеник за заложници Гал Хирш објави на социјалните мрежи дека официјалниот список на Израел сè уште вклучува 24 живи заложници.
Според извори блиски до ситуацијата, разликата во бројките може да се должи на фактот дека Израел можеби има разузнавачки информации што укажуваат дека некои од заложниците починале или дека сè уште не ги добиле информациите за време на последните напади.
Сепак, сè додека смртта дефинитивно не се потврди, тие заложници официјално се сметаат за живи.
Според Хирш, Хамас моментално држи 59 заложници, од кои 24 се на официјалниот список живи, додека 35 заложници се на списокот чија смрт е официјално потврдена.
Семејствата на заложниците, незадоволни што информациите за нивните роднини често пати ги добиваат од медиумите, бараат од израелските власти веднаш да им достават ажурирани информации.
Сепак, Хирш нагласи дека неговата канцеларија редовно комуницира со семејствата на заложниците и секогаш е достапна за новости и објаснувања.сд/
фото:МИА архива