Трамп наметнува построга американска политика кон Куба
- Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп вчера потпишал меморандум со кој ќе се наметне строга американска политика кон комунистичка Куба и ќе се поништат мерките наметнати од поранешниот претседател Џо Бајден.
Вашингтон, 1 јули 2025 (МИА) - Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп вчера потпишал меморандум со кој ќе се наметне строга американска политика кон комунистичка Куба и ќе се поништат мерките наметнати од поранешниот претседател Џо Бајден.
Со него ќе се воведе законска забрана за американски туризам во Куба, а воедно ќе се одржи економското ембарго врз земјата, соопшти Белата куќа.
Иако Американците не можат да ја посетуваат Куба за одмор, патувањето е дозволено за активности, вклучително и образовни или хуманитарни патувања.
Во еден од своите први потези по преземањето на функцијата во јануари, Трамп, жесток критичар на Куба, ја поништи одлуката на администрацијата на Бајден да ја отстрани земјата од списокот на држави спонзори на тероризам на САД. Тој, исто така, делумно го ограничи влезот за луѓе од Куба.
Според меморандумот од вчера, Трамп ја обнови забраната за директни или индиректни финансиски трансакции со субјекти контролирани од кубанската војска, со исклучоци за трансакции што ги унапредуваат политичките цели на САД или го поддржуваат кубанскиот народ.
Бајден ја поништи наредбата на Трамп од 2017 година со која се ограничуваа финансиските трансакции со одредени воени и владини субјекти поврзани со Куба.
Новиот меморандум „ја спроведува законската забрана за американски туризам во Куба и обезбедува усогласеност преку редовни ревизии и задолжително водење евиденција за сите трансакции поврзани со патувања најмалку пет години“, според брифингот во Белата куќа.
Исто така, го поддржува економското ембарго врз Куба и се спротивставува на повиците во Обединетите нации и другите меѓународни форуми за негово укинување.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, објави на „X“ дека „претседателскиот меморандум против Куба издаден од американската влада ја зајакнува агресијата и економската блокада што го казнува целиот кубански народ и е голема пречка за нашиот развој“. „Тоа е кривично дело и кршење на човековите права на цела една нација. Голема пречка за нашиот развој“, рече тој. мс/
фото: МИА архива