• недела, 22 декември 2024

Традиционален словенечко – македонски појадок

Традиционален словенечко – македонски појадок
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Во рамките на одбележувањето на 30. годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Република Словенија и Република Северна Македонија денеска во ресторанот „Ореов лад“ се одржа Традиционален словенечко – македонски појадок, организиран во соработка со Слоу Фуд Македонија. Целта на настанот, како што информираат од словенечката Амбасада, е подигање на свеста за важноста и предностите на локално произведената храна, домашно произведените и преработени продукти, пчеларството, важноста на појадокот и здравата исхрана кај децата и возрасните како и вклучување на традиционалните словенечки и македонски продукти во образовните институции. Како што рече амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан, 18 ноември е датум што треба да се запамети. - На овој ден сакаме да ги поканиме сите, без разлика во кој дел од светот се, да ни се придружат и да појадуваат или мед или производи што вклучуваат мед, за да можеме да ја одбележиме важноста на пчелите и другите опрашувачи за производство на храна. Станете поддржувач на иницијативата Меден појадок! Со спроведување на оваа иницијатива, сакаме да ја истакнеме важноста од зачувување на природата и животната средина и важноста на пчелите, кои се апсолутно неопходни за подобар, поздрав свет, истакна Предан. На настанот присуствуваа сопругата на претседателот на РСМ Елизабета, Ѓоргиевска, заменик министерот за образование Лулзим Алиу, заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, претставник од ЕУ делегацијата Јулиан Васало, постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија Росана Дудзиак, и други претставници од училиштата и градинките. аа/дма/

Остани поврзан