ТППЕ Велес доби нова опрема
- Донација од сет систем за спасување од големи сообраќајни несреќи и елементарни непогоди и еден сет за спасување од поплави доби денеска Територијалната противпожарна единица Велес. Опремата
Велес, 22 март 2022 (МИА) - Донација од сет систем за спасување од големи сообраќајни несреќи и елементарни непогоди и еден сет за спасување од поплави доби денеска Територијалната противпожарна единица Велес. Опремата во вредност од околу 50 илјади евра ја донираше Дирекцијата за заштита и спасување.
Градоначалникот Марко Колев изрази голема благодарност до Дирекцијата за донацијата, за досегашната и идна соработка.
Тој потенцира дека донацијата е од огромно значење за противпожарната единица во Велес, но и за сите граѓани на Општина Велес и регионот, со цел обезбедување на нивна заштита и безбедност кога е најпотребно.
Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спсување потенцира дека верува оти територијалната противпожарна единица Велес ќе знае најдобро да ги искористи во вежбовни активности.
- Со тоа ќе ја докажеме нашата спремност и како Дирекција за заштита и спасување и како територијална противпожарна единица заедно со општината да се справиме со каква било несреќа, рече Максути.
Љупчо Лепидовски, командир на ТППЕ Велес истакна дека се надева оти оваа опрема ќе ја користат само за вежби.
- Оваа донација многу значи, но се надевам дека ќе ја користиме само за вежби, да видат граѓаните дека постоиме, дека ја имаме таа опрема, превенцијата и едукацијата е помала штета отколку да дејствуваме на терен, потенцира Лепидовски.
Воедно градоначалникот Колев најави реконструкција на противпожарната станица како и обезбедување на две нови возила. ад/мс/