Тошковски без одговор дали се постапува по ставањето на црната листа на Груби и Беџети, од јавноста побара трпение
- Трпение од македонската јавноста побара денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски запрашан од новинарите за тоа дали доказите што ги има Вашингтон ги има и Скопје во врска со поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети кои се на црната листа за корупција на САД.
Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Трпение од македонската јавноста побара денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски запрашан од новинарите за тоа дали доказите што ги има Вашингтон ги има и Скопје во врска со поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети кои се на црната листа за корупција на САД.
– Добро е познато на јавноста дека никогаш не шпекулирам и никогаш не отворам информации за јавноста коишто се несоодветни во рамки на сето она постапување кое што е во надлежност на МВР. Би побарал трпение од македонската јавност и во овој дел сега засега, рече Тошковски.
Одговарајќи на прашање поврзано со зголеменото обезбедување на државните институции во Скопје, Тошковски рече дека од безбедносен аспект состојбата е стабилна.
- Постапуваме како и секогаш во насока на нашите надлежности. Сметаме дека превентивното постапување е на соодветно ниво исто како што е на соодветно ниво и репресивното постапување во делот на надлежностите на МВР, изјави тој.
Им се заблагодари на полицајците и рече дека на нивен грб се заснова безбедноста на Македонија.
-Во изминатиов период имаше многу обиди за поткревање на меѓуетнички тензии, имаше многу обиди за осудување на работата на МВР во делот на тоа дали требало да употреби ваква сила, дали требало да употреби таква сила, дали требало да реагира на еден начин, дали требало да реагира на друг начин. Јас слободно можам да одговорам дека во согласност со консултациите со сите експерти со коишто разговарав во изминативе денови, во согласност со разговорите коишто ги имав со сите служби една работа само можам да кажам огромна благодарност до секој еден полициски службеник којшто беше на терен и којшто менаџираше во оваа, така да кажам, кревка состојба во делот на она што се труди да се поттикне во јавноста. Факт е дека одговорија полициските службеници максимално професионално, огромна благодарност до нив пак ќе повторам, тие се тие на чијшто грб се заснова безбедноста во Македонија, а факт е дека имаме стабилна и безбедна ситуација, рече министерот. ев/ац/
ФОТО: МИА Архива