• четврток, 12 септември 2024

Тоти: Де Роси ќе ја има судбината на Мурињо доколку Рома не се квалификува во Лигата на шампионите

Тоти: Де Роси ќе ја има судбината на Мурињо доколку Рома не се квалификува во Лигата на шампионите

Рим, 12 септември 2024 (МИА) - Легендата на Рома, Франческо Тоти, го предупреди својот пријател и поранешен соиграч Даниеле Де Роси дека ризикува да добие отказ како тренер на „волците“ како неговиот претходник Жозе Мурињо доколку Рома не успее да се избори за пласман во Лигата на шампионите оваа сезона.

-Со оглед на лудите инвестиции во лето, тие мора да се квалификуваат за Лигата на шампионите. Ако вложите 100 милиони евра и не стигнете до таму, тоа е целосен неуспех, изјави Тоти во интервју за весникот „Ил Месеџеро“.

Според него, без место во топ 4 и Лигата на шампионите, Де Роси ќе си замине предвреме. 

- Нема да остане до крајот на договорот. Даниеле има силен тим и се надевам дека ќе успее бидејќи добро ја познава околината“, додаде Тоти. 

Рома донесе неколку големи засилувања ова лето, вклучувајќи ги Матиас Соуле од Јувентус за околу 30 милиони евра и Артем Довбик од Жирона.

-Ако работите не одат добро, целата вина ќе биде на Даниеле. Токму тоа се случи со Мурињо. Никој не му помогна на Мурињо, ниту разговараше со него. Ако не донесете резултати, станувате жртвено јагне, но Даниеле е свесен за тоа, додаде Франческо Тоти.

Рома има само два бода од првите три натпревари во Серија А, ремизирајќи против Каљари и Јувентус и загуби од Емполи на „Олимпико“.

Нивниот следен натпревар е против Џенова во недела на 15 септември. дс

Фото: Архива

Остани поврзан