Томшиќ: Расте бројот на пријави за дискриминација, најголем број се околу работните односи
- Најголем број од пријавените случаи на дискриминација се во делот на работните односи. Тука најголем број од претставките се доставуваат. Понатаму, има образование, попреченост, етничка припадност - се доста застапени, но, најголемиот број се во делот на работните односи, изјави за МИА, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Душан Томшиќ, за време на конференцијата насловена „Пет години превенција и заштита од дискриминација: постигнувања и идни насоки“, што се реализира денеска во Клубот на пратеници во Скопје.
Скопје, 20 ноември 2025 (МИА) - Најголем број од пријавените случаи на дискриминација се во делот на работните односи. Тука најголем број од претставките се доставуваат. Понатаму, има образование, попреченост, етничка припадност - се доста застапени, но, најголемиот број се во делот на работните односи, изјави за МИА, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Душан Томшиќ, за време на конференцијата насловена „Пет години превенција и заштита од дискриминација: постигнувања и идни насоки“, што се реализира денеска во Клубот на пратеници во Скопје.
Томшиќ на прашање на МИА одговори дека се зголемува бројот на случаи што се пријавуваат.
- Бројот на претставки, односно бројот на пријави, се зголемува од година во година. Тоа не значи дека стануваме полошо општество, туку можеби е зголемена свесноста и самото постоење на институцијата дава можност да се пријави дискриминација. Порано кога немало, немало ни механизам. Сега мислам дека Комисијата добро котира во нашето општество и дека доста интензивно се обидуваме да пристапиме кон сите и да знаат дека има место каде што може да се пријави случај на дискриминација, дециден беше Томшиќ.
Тој појасни дека тие утврдуваат или не утврдуваат дискриминација, а судската постапка е индивидуално право на лицето кое претрпело дискриминација - доколку сака да бара и судска заштита понатаму.
Во однос на Конференцијата истакна дека ја организираат по повод пет години од носење на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
-На конференцијата има присутни гости од регионот - Хрватска, Албанија, Косово, коишто ќе говорат од аспект на нивните тела за еднаквост. Значи, да видиме до каде сме ние - до каде се тие. Да зборуваме за идните предизвици коишто нè очекуваат во наредниот период. Гледаме дека антиродовите наративи на ниво на Европска Унија се зголемуваат, се зголемуваат изјавите на национализам, по етичка, по расна основа - значи тоа е предизвик за цела Европа, така што, сметаме дека треба многу пообединето да работиме во делот на заштита од дискриминација, како со институциите на системот, така и со граѓанското општество, пред сè, што има најголем допир со ранливите групи на граѓани на самиот терен, истакна Томшиќ.

Барбара Лигл, раководителка на компонентата 4 од проектот „Поддршка на Европската Унија за владеење на правото“, во нејзиното обраќање рече дека имаме поддршка во правдата - спроведување на законот, заштита на човековите права, при зајакнување на капацитетите на институциите, нивната ефикасност и нивното влијание.
- Заедно со мојот тим експерти работиме со јавните институции за да ја кренеме свеста за и да заштитиме човекови права, особено со адресирање на спречување на родова дискриминација и насилство, ефикасна реинтеграција и ресоцијализација на прекршителите во општеството и заштита на правата на децата. Ние ги промовираме вредностите за процес на учество во нашите проектни активности и соработка со крајните корисници со организирање интерактивни работилници и учење помеѓу колеги во различни сектори, додаде Лигл пред присутните.
Организаторите на настанот информираа дека предвидено е преку тематски дискусии со учество на домашни и меѓународни експерти, претставници на институции, граѓански организации и истражувачки центри, настанот да понуди преглед на клучните постигнувања во унапредувањето на еднаквоста и заштитата од дискриминација во изминатите пет години, како и стратешка дискусија за следните чекори, институционалните предизвици и европските стандарди во оваа област. бд/вг/
Фото: МИА