Томовски: Против Португалија на сè или ништо
- Голманот на македонската ракометна репрезентација Мартин Томовски оцени дека Данска вечерва максимално ги искористи техничките грешки во нашите редови што на крајот резултираше со висок пораз од 24-36 на стартот на Европското првенство.
Хернинг, 16 јануари 2026 (МИА) – Голманот на македонската ракометна репрезентација Мартин Томовски оцени дека Данска вечерва максимално ги искористи техничките грешки во нашите редови што на крајот резултираше со висок пораз од 24-36 на стартот на Европското првенство.
„Без разлика што Данска е најдобра, ние излеговме на терен и дадовме максимум. Техничките грешки на стартот не чинеа скапо, а тим како Данска знаеше тоа да го казни“, истакна Томовски.
Македонскиот голман наведе дека натпреварот со Данска, сепак, може да биде добра поука пред пресметката со Португалија, в недела.
„Мислам дека овој натпревар може многу да ни помогне, да анализираме и да направиме добра подготовка за следниот натпревар со Португалците. Мора да ги поправиме грешките, да се консолидираме во одбраната и да атакуваме на позитивен резултат. Верувам дека ќе имаме поинаков натпревар иако и Португалците играат брзо, но и тие имаат слабости. Добро ги анализиравме. Овој дуел беше само увертира и патоказ како не треба, Мораме да ги коригираме грешките и да одиме на сè уште или ништо против Португалија“, додаде Томовски. ег
ФОТО: РФМ