Томислав Османли и Никола Маџиров ја претставуват македонската литература во грчката антологија „Балкан“
- Во Грција од 26 до 28 септември ќе биде одржан Првиот Конгрес на интелектуалци - културна и книжевно теоретска средба насловена „Меѓу-балкански литературни среќањава“ со поднаслов „Разбирајќи го Балканот низ литературата“, настан во чиј пресрет е објавена и антологијата „Балкан - современа книжевна антологија“.
Скопје, 15 септември 2025 (МИА) - Во Грција од 26 до 28 септември ќе биде одржан Првиот Конгрес на интелектуалци - културна и книжевно теоретска средба насловена „Меѓу-балкански литературни среќањава“ со поднаслов „Разбирајќи го Балканот низ литературата“, настан во чиј пресрет е објавена и антологијата „Балкан - современа книжевна антологија“ (издание на „Маѝстрос“, Атина, 09.2025).
Антологијата, која има 456 страници е составена од Еви Вулгараки-Писина, Ангелос Калогеропулос и Димитрис Склирис. Станува збор за уште една, за недолго време објавена јазично комплетна книжевна антологија што опфаќа преводи на грчки, од сите балкански јазици. Таа опфаќа 57 автори и 12 преведувачи што приопштиле литературни дела од Грција, Србија, Романија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Бугарија, Турција, Кипар, Словенија, Црна Гора, Албанија и Хрватска. На официјалната најава по азбучен ред и според националните писма на земјите, поброени се главните градови на дванаесетте балкански држави.
Новата книжевна антологија „Балкан – современа книжевна антологија“ вклучи преводи од македонски јазик на творби од двајца наши истакнати автори: Томислав Османли, прозаист и Никола Маџиров, поет. Преводот на грчки јазик е на Мариа Думба.
Претходно, во Грција беше објавена исто така јазично компетната „Антологија на балканското расказно творештво“ во која покрај Томислав Османли, составувачот д-р Ставрос Дајос, опфати творби од уште седум прозни автори од нашата литература. Таа антологија објавена од солунското книгоиздателство „Литератус“ на 428 страници опфати 71 расказ на плејада балкански прозни дејци од последните два века.
Инаку, тридневната научно-теоретска средба „Меѓу-балкански литературни среќањава - Разбирајќи го Балканот низ литературата“ ја организира асоцијацијата „Меморија и авангарда – отворање нови патишта“, а ќе се одржи во Конгресниот центар Елкиона, во Алиартос тесалиска Биотија.
Средбата како и објавата на Антологијата е поддржана од Грчкото министерство за култура./
Фото: палакат/Томислав Османли