• петок, 22 ноември 2024

Томевски: Храна имаме, ама планирањето на производството зависи од пласманот и од цените на репроматеријалите

Томевски: Храна имаме, ама планирањето на производството зависи од пласманот и од цените на репроматеријалите

Прилеп, 10 септември 2022 (МИА) - Не се очекуваат проблеми со храната за оваа зима, но пресудно е планирањето на производството. Уште повеќе кога сме на прагот на есенската сеидба. Сето ќе зависи од откупот и пласманот на произведеното, смета агрономот Горан Томевски, раководител на подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Според Томевски, во моментов, ситуацијата со производството на храна во Прилепскиот регион, со сите потешкотии и со зголемените трошоци за производство, значи дека цената на чинење на производите ќе биде драстично повисока. Пченицата при откупот постигна добра цена што дава надеж за зголемување на површините.

-Ова година имавме зголемени цени на откуп на житните култури, пред сѐ, на пченицата. Цената се движеше од 19 до 21 денар за килограм. Тоа е добар сигнал дека за в година може да се планираат култури кои ќе бараат помал ангажман, но ќе имаат цена која ќе гарантира некаков бенефит и исплатливост. Се надевам дека житарките ќе бидат опфатени на поголеми површини, зашто потребата од житни култури во моментов е голема. Иако генерално, нашето производство не е доволно и мора да увезуваме. Да кажеме дека поради нерамномерниот распоред на дождовите, имаше реони каде приносите беа ниски, што е загуба за производителот, рече Томевски.

Тој изрази надеж дека сите мерки на Министерството за земјоделство ќе дадат резултат за зголемување на површините под житни култури. - Тука се површините и со сончоглед. За поздравување се последните пет-шест години, површините се зголемуваат, како и откупната цена на сончогледот. Иако, реално, приносите не се големи, особено таму каде нема наводнување, додаде Томевски.

Според него, неизвесно е кај градинарското производство.

-Што се однесува до другите култури, особено кај градинарските, откупните цени се на ниво на ланските, што значи за производителите се ниски при сите зголемени трошоци. За пиперките се движи, за прва класа 30 денари, втора 25 денари за килограм. Да се надеваме дека може да се зголеми цената за да може земјоделците да го планираат наредното производство. Ако откупните цени останат исти, тогаш догодина веднаш ќе се соочиме со потфрлање на приносот. Истото се случи и со производството на тутун. Затоа, секое поотфрлување на цените во откупот на произведеното, значи потфрлување во планирањето на производството за наредната година. Производителот сака да има одредена гаранција дека ќе му се исплати тоа што го произведува, објаснува агрономот Томевски.

Тој не очекува посебно да има голема млечна криза иако зависиме од увозот, а со години е евидентно намалувањето на сточниот фонд.

-Причините се повеќе, а можеби најголемата е движењето на откупните цени на млекото, посебно на производството на кравјо млеко, а проблематично е и кај овчкото. Големи количества млеко сточарите го ипреработуваат во сирење. Но тоа не е стандардизирано. Можеби сега во овчарството се преземаат одредени стимулативни мерки, но поради недостиг на работна сила, ситуацијата стагнира. Се надевам дека во министерството, во планирањето на руралниот развој ќе се креираат нови мерки за, барем ако не друго, овој тренд на опаѓање во сточарството да го стопираме. Во Македонија секогаш млекопроизводството е во недостаток. Не ги задоволуваме нашите потреби и зависиме од увозот. Се надевам дека нема да дојдеме до млечна криза, смета Томевски.

Според него, нема потреба да се паничи од драстичен недостиг од храна. Храна зимава ќе има, но проблем се цените на репроматеријалите. Од тој аспект треба будно да се следи и да се реагира.

- Сметам дека храна ќе имаме, зашто, сепак се наоѓаме во регион каде имаме долга традиција, така е и кај блиските соседи. Според информациите што се, ќе имаме доволно храна, нешто од нашите ресурси, а другото од увоз. Сепак сме мала земја, немаме големо население. Но ќе имаме проблем во наредниот период доколку не се стабилизираат цените на репроматеријалите и ќе имаме проблем во планирањето. Полека ќе почнуваат подготовките за новата есенска сеидба и со вакви цени ќе им биде тешко на производителите да ги прават плановите за новото производство, вели Томевски. ем/дма/

Остани поврзан