• недела, 22 декември 2024

Тозиевски: Локалната самоуправа ќе биде партнер на граѓаните

Тозиевски: Локалната самоуправа ќе биде партнер на граѓаните
Ресен, 28 септември 2021 (МИА) – Промоција и развој на Преспа, враќање на туристичката мапа, привлекување странски ивестиции, решавање на проблемот со недостиг на вода, се само дел од проектите во програмата на кандидатот за градоначалник на Општина Ресен од ВМРО–ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ Јован Тозиевски. На вечерашниот митинг во Ресен, на кој присуствуваше и претседателот на партијата Христијан Мицковски, барајќи ја довербата од граѓаните,Тозиевски нагласи дека до понапредна, поуспешна и попросперитетна општина се стигнува само со труд, љубов и желби, но и со луѓе, кои ги застапуваат вистинските вредности и ја сакаат Преспа. - За мене, Преспа е најубавото место на светот, од двете страни имаме два национални паркови, Пелистер и Галичица, два гранични премини, кон Албанија и Грција, како и Преспанското Езеро, кои Преспа ја прават најпосебна. Тука го имаме и Преспанското јаболко како посебен бренд, онака како што и ние го препознаваме. Јаболкопроизводителите треба да си го добијат заслуженото, локалната самоуправа да биде нивен партнер, да се работи на привлекување на инвеститори, нови центри за откуп, како и за преработка на јаболкото, рече Тозиевски. Предизборната програма, нагласи, нуди проекти од приоритетно значење за Ресен и Преспа. Меѓу другото тој посочи дека доколку ја добие довербата на преспани ќе се работи на подобрување на локалните услови за водење бизнис и претприемништво и помагање на малите и средни претпријатија, ставање на располагање на граѓаните на градежното земјиште, кое е во државна сопственост, промоција и осовременување на индустриските развојни зони „Преспатекс“ и „Макази“, промоција на туристичките развојни зони Стење и Сирхан.... - Ќе го направиме Ресен „смарт сити“ преку воведување на повеќе дигитални услуги. Ќе ја направиме нашата општина модерна и инфраструктурно поврзана, преку решавање на проблемот со недостаток на паркинг места, асфалтирање на повеќе градски и селски улици, реконструкција на водоводната мрежа, изградба на пешачко-велосипедска патека Отешево-Стење и Крани-Долно Дупени и поврзување на манастирските комплекси..., рече Тозиевски. Меѓу другото, тој нагласи дека ќе се залага за ставање на јаболкото во ланецот на циркуларната економија, подршка на нови откупни центри, како и дека ќе направат се за спас на Преспанското Езеро. Тозиевски вети и ревитализирање, обновување и ставање во функција на повеќе проекти, кои биле дел од активностите на претходната власт на ВМРО–ДПМНЕ, а од актуелното раководство се запоставени. - За Ресен и Преспа повторно да го вратат сјајот, кој е изгубен, потребни се луѓе кои ја знаат општината, но и проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат. Тоа можат да бидат само луѓе веќе препознаени во заедницата, луѓе со кредибилитет и авторитет, кои заради нивните индивидуални карактеристики и квалитети граѓаните стекнале доверба, рече Тозиевски посочувајќи дека на локални избори се гласа за луѓе, кои секогаш ќе бидат на страната на граѓаните и ќе ја градат општината. Промовирајќи ја советничката листа и носителот Ирена Стрезоска - Кукуловска изрази уверување дека со тимот застапуваат вистински вредности и сакаат перспективна и развиена општина, која ќе се развива во сите сфери.сс/фф/

Остани поврзан