• четврток, 14 ноември 2024

Тилев за МИА: Скринингот со ЕУ е исклучително сложен процес со јасен план за целосна хармонизација со европското право

Тилев за МИА: Скринингот со ЕУ е исклучително сложен процес со јасен план за целосна хармонизација со европското право
Скопје, 12 август 2022 (МИА) - Државниот советник за европски политики во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев за МИА го појаснува претстојниот процес на билатерален скрининг со ЕУ за усогласеноста на европското законодавство со македонското, што треба да започне во септември. Тој вели дека од формално-правен аспект, нема дилема оти за нас преговорите веќе се започнати со отворањето Меѓувладината конференција, што ќе остане отворено за целото времетраење на преговорите, кои треба да резултираат со потпишување и ратификација на Пристапниот договор и полноправно членство на земјата во ЕУ. Тилев за МИА исто така вели дека геополитичката констелација на состојбите, налага да се размислува рационално и да се одлучува брзо, но и исправно, во интерес на државните и националните приоритети и оти подобра алтернатива за нас од членство во ЕУ нема и нема да има во догледно време. Според него, секоја слабост која би ја покажале во нашата евроатлантска ориентација ни оди на штета и може да има долгорочни негативни последици. - Сосема е јасно, од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ, дека преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик, кој не смее да тлее долго, оценува државниот советник Тилев за МИА. Појаснува дека скрининг процесот или преглед на законодавството е составен дел од процесот на пристапни преговори и оти се одвива во две фази -  објаснувачки и билатерален дел. Тој потсетува дека Одлуката за почеток на преговорите беше донесена уште во март 2020 година со едногласност, а по потпишувањето на билатералниот Протокол на 17 јули 2022 година и добиената согласност од Бугарија е усвоена и Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ, во писмена процедура на вонредна седница на 18 јули 2022 година. Ден потоа, односно на 19 јули се отвори и Меѓувладината конференција на политички состанок помеѓу ЕУ и Северна Македонија, а веднаш официјално започна и скрининг процесот со првите општи напомени за неговиот тек и нацрт Календар. - Првата фаза, објаснувачкиот скрининг е преглед на европското законодавство кога експертите од Европската комисија го презентираат и детално објаснуваат европското законодавство пред нашите експерти. Тоа се правните акти кои се предмет на пристапните преговори или поточно, кои ќе мора да ги транспонираме во домашниот правен систем и целосно да ги имплементираме. Втората фаза е билатералниот дел, кога нашите експерти го презентираат статусот на транспозицијата на тоа исто европско законодавство во националниот правен систем, односно што досега сме транспонирале, како тече имплементацијата, што и кога од европското закондавство ќе транспонираме во наредниот период, со јасен план и за тоа кога ќе бидеме целосно хармонизирани со европското законодавство, во сите области, вели Тилев. Тој нагласи дека првата фаза, односно објаснувачкиот скрининг, заедно со Албанија, веќе го спроведовме еднаш во периодот 2018-2019 година, за вкупно 33 поглавја, но поради блокадите на кои наидовме во меѓувреме истиот беше ставен на пауза. - Со одблокирањето на процесот и отворањето на Меѓувладината конференција и рестартирањето на скринингот, всушност ќе се престроиме сега според новата Методологија за пристапни преговори. Скринингот ќе продолжи по кластерска структура, во шест кластери во кои се групирани 33 поглавја и тоа со освежување на делот на објаснувачкиот скрининг, заедно за нас и Албанија, со новото законодавство усвоено од декември 2019 до денеска, односно до 2022/2023 година, а потоа паралелно и со билатералните скрининзи за сите кластери, области и поглавја, но во овој дел одвоено, посебно за нас и посебно за Албанија, појанува тој. Скринингот ќе трае до ноември 2023, со можност за одредени прилагодувања На прашање на МИА да појасни колку време ќе трае скринингот и што потоа, Тилев вели дека скринингот, „освежувањето“ и билатералниот скрининг, според нацрт Календарот ќе трае до ноември 2023 година, со можност за прилагодување според дадените услови. - Ќе започнеме со Кластерот за Фундаментални вредности, кој според новата Методологија и според Преговарачката рамка, се отвора прв и се затвора на крајот на пристапните преговори, ќе трае најдолго и исто така е најкомплексен и најтежок за преговори. Во рамките на овој кластер се елементи во преговорите, покрај Владеење на правото (поглавјата 23 и 24), кои за првпат се дел од преговорите, а тоа се Економските критериуми, Реформа на јавната администрација и Функционалност на демократските институции. Кон овој Кластер исто така се приклучени и поглавјата за Јавни набавки, Статистика и Финансиска контрола, а дополнително сите овие елементи се хоризонтално поврзани со капацитетите за борба против корупцијата, појаснува Тилев за МИА. Тој истакна дека по завршувањето на билатералните скрининзи, според дадениот календар, следат т.н. „скрининг извештаи“, во кои Европската комисија за сите кластери, области и поглавја прави пресек на статусот, плановите и условите за отворање на секој кластер. Усвојувањето на овие скрининг извештаи, додава, и дефинираните одредници за отворање на преговорите за секој кластер се усвојуваат од страна на Советот на ЕУ со едногласност. - Во нашиот случај, за отворање на преговорите за кластерот Фундаментални вредности, веќе се предвидени основните одредници, и тоа, Патоказ за владеење на правото со приложен Акциски план и Патоказ за реформа на јавната администрација. Потоа следат и времени одредници во делот на Владеење на правото, како и одредници за затворање на преговорите за сите поодделни поглавја, истакна Тилев за МИА. Тилев оценува дека сме подготвени и имаме доволно капацитети за овој процес, бидејќи државава се подготвуваше за преговори многу години наназад, но напоменува дека тоа не смее да не доведе до заклучок дека скринингот, односно билатералниот скрининг е лесна и едноставна вежба. Напротив, додава Тилев, се работи за исклучително сложен процес на продлабочени анализи за сите секторски политики со јасен план за тоа што, кој, кога, како и со кои финансиски средства ќе направи за целосна хармонизација со целокупното европско право, вклучително и непречена и компетентна имплементација на истото. - Во повеќе наврати сум истакнувал дека сме подготвени да ги започнеме преговорите и скринингот, но за да ефикасно преговараме и ги затвориме преговорите до 2030 година, потребно е значително зајакнување и подмладување на структурите надлежни за водење на процесот. Имено, во политичката изјава на претседателот на Владата на отворањето на Меѓувладината конференција дадовме ветување, а со тоа преземавме обврска, до 2030 година да бидеме целосно подготвени за полноправно членство. Тоа значи дека сите ресурси ќе треба да ги впрегнеме за да ја исполниме таа амбициозна цел, која според мене, треба да стане државен проект и државен приоритет број еден, истакна тој. Тилев исто така посочува дека доколку се оценува вкупната усогласеност на нашето со законодавството на ЕУ, кое според груба проценка во моментов достигнува околу 45 проценти, може генерално да кажеме дека нашата стартна позиција е доста добра, речиси на нивото на Црна Гора и Србија кои веќе преговараат една деценија. - Но, тоа е само наша проценка, за да имаме вистинска претстава до каде сме, ќе треба да почекаме да ги поминеме билатералните скрининзи и да ги добиен скрининг извештаите за сите кластери. Тогаш ќе може да кажеме попрецизно и објективно до каде сме и уште колкав пат имаме до изодиме до целта, вели Тилев. Тој нагласи дека за нас од особена важност ќе биде делот за владеење на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, реформа на јавната администрација и функционалноста на демократските институции, вклучително и добрососедските односи, односно имплементацијата на билатералните договори со Грција и Бугарија. - Од аспект на финансиски потреби, односно големи инвестиции, предизвик ќе бидат енергетската и транспортната инфраструктура, како и инвестициите во делот на заштита на животната средина, и од аспект на обемноста на европското законодавство, посебен предизвик ќе биде делот на земјоделство, безбедност на храна и повторно, заштитата на животната средина, оцени Тилев. Отворање на Втора меѓувладина конференција, по уставните измени Државниот советник за европски политики Драган Тилев за разговор за МИА потсетува дека од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот. -  Со заклучоците од Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, дефинирани се чекорите по кои ќе се движи нашата Меѓувладина конференција. Имено по нејзиното отворање, во формат на политичка конференција, наметната ни е и првата „политичка одредница“, а тоа се уставните измени, како предуслов за комплетирање на отворањето на пристапните преговори со следната Меѓувладина конференција. Таа треба да се случи по пат на автоматизам, без нова политичка одлука, веднаш штом ги заокружиме и официјализираме уставните измени, оценува Тилев. Тој нагласува дека од страна на Советот на ЕУ, на 18 јули е усвоена и Преговарачката рамка, со која се дефинирани условите под кои Северна Македонија ќе може да стане полноправна членка на ЕУ. - Истата е речиси невозможно да се промени, освен по истата постапка како што е донесена и со едногласност на сите земји членки. Сосема е јасно, од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ, дека преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик кој не смее да тлее долго, оценува државниот советник Тилев за МИА. Праксата ќе покаже дали новата Методологија е функционална Тилев на прашање на МИА за тоа дека процесот на преговори со останатите балкански држави Србија и Црна Гора, кои траат десетина години, може да значи дека ЕУ го забавува процесот на проширување и дали постои веројатност дека проширувањето би запрело со Хрватска, вели дека токму затоа била усвоена новата Методологија, со цел да се динамизира процесот, но допрва ќе видиме дали во пракса тоа ќе функционира. - Една од основните причини за тоа зошто Франција го блокираше процесот на проширување во 2019 година, чија патем прва жртва бевме токму ние, и зошто беше усвоена Новата методологија во март 2020 година, беше токму за да се забрза и динамизира пристапниот процес. Спороста со која се преговараше со Црна Гора и Србија, предизвикуваше несигурност и непредвидливост за тие две држави, но и за целиот Западен Балкан, нагласи Тилев. Тој вели дека новата Методологија требаше да внесе динамика и да го забрза процесот. - Дали во пракса тоа ќе се случи, треба да видиме токму низ преговорите со нас и Албанија. Секако дека не е позитивно тоа што се дозволи внесување на билатералните прашања во преговарачката рамка на ЕУ за нас, и секако дека тоа нема позитивно да влијае на пристапниот процес. Колку негативно влијание ќе има билатерализацијата на нашиот процес и на проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан, одговорот ќе треба да го побараме во Брисел, Париз, Берлин, Софија, Атина, нагласува тој. Тилев оценува и дека геополитичката констелација на состојбите, налагаат да се размислува рационално и да се одлучува брзо, но и исправно, во интерес на државните и националните приоритети. - Подобра алтерантива за нас од членство во ЕУ, нема и нема да има во догледно време. Секоја слабост која би ја покажале во нашата евроатлантска ориентација ни оди на штета и може да има долгорочни негативни последици, вели за МИА државниот советник за европски политики Драган Тилев. Неда Димова Прокиќ Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан