• четврток, 12 јуни 2025

Течат подготовките за ЕП во џудо во Скопје, утре завршува рокот за пријавување

Течат подготовките за ЕП во џудо во Скопје, утре завршува рокот за пријавување

Скопје, 10 јуни 2025 (МИА) – Продолжуваат подготовките за Европското кадетско првенство во џудо 2025 година кое за прв пат ќе се организира во Македонија.

- Европа доаѓа во Скопје и ние мораме да ја оправдаме довербата. Официјалното пријавување на учесниците завршува утре по што ќе се знае официјалниот број на учесници, држави и официјални лица. Согласно правилата и пропозициите на ова ЕП право на учество имаат сите 51 џудо федерации од исто толку држави членки на ЕЏУ со максимален број на спортисти за учество 20, а во тежинските категории максимумот е двајца џудисти по држава-репрезентација. Секако ова повлекува и исполнување на одредени услови како што се поседување на официјална ИД картичка, лиценцирани кимона и официјални бек бројки како задолжителна опрема за настап на натпревари од ваков ранг за секој спортист, вели Дејан Мицкоски, спортскиот директор на Македонската џудо федерација(МЏФ).

Стручниот тим при  Македонската џудо федерација е во координација и ги врши последните консултации за изборот на нашите репрезентативци кои ќе ја претставуваат Македонија. Бројката за настап е вкупно 16 учесници со цел да им се даде можност на повеќе наши спортисти од оваа возрасна категорија да настапат на едно вакво престижно првенство.

Европското првенство ќе се одржи од 26 до 29 јуни во Скопје и ќе биде настан од највисок ранг кој досега воопшто се одржал во џудо спортот кај нас. 

Од МЏФ потенцираат дека за кадетското првенство, кое според многумина е најпосакуваното во многу европски држави, конкурираа шест европски држави, но со добрата поставеност и лобирање на управата на Македонската џудо федерација, предводена од претседателот Владимир Трпаноски, на Македонија и беше доделена организацијата. зс/

Остани поврзан