• петок, 22 ноември 2024

Тетово далеку од живот во една урбана средина

Тетово далеку од живот во една урбана средина
Тетово, 3 септември 2022 (МИА) - Редовни се поплаките на голем дел граѓани на Тетово кои постојано се соочуваат со инфраструктурни проблеми, па затоа го поставуваат и прашањето дали воопшто живеат во урбана населба. Проблемите се од различна природа. Некои улици се поплавуваат при посилен дожд поради нефункционална или непостоечка канализација, некои пак немаат тротоари, им фалат неколку метри, или пак се полни со дупки. Големиот број нови згради на места каде имало само куќи создаваат главоболки кога во прашање е паркирањето, движењето пеш, тука е и недостигот на зелени површини и слично. За тоа колку е далеку Тетово од урбанистичките нормативи, разговаравме со архитектот м-р Бошко Видоески. Тој вели дека за тоа колку еден град отстапува од одредени урбанистички нормативи, пишани или непишани правила или искуствено прифатени принципи или закономерности, не може едноставно да се одговори, бидејќи постојат голем број параметри кои можат да се мерат, но и такви кои практично се немерливи. - Од мерливите, би ги наброиле високото и ниското зеленило по глава на жител; површината на зеленило по глава на жител; бројот на станбени единици со добра, средна или лоша инсолација, како и нивната проветреност; ружата на ветрови на ниво на градот; капацитетот на линиските инфраструктурни мрежи (фекалната и атмосферската канализација, водоводот, електричната мрежа); процентот на исполнетост во образовните установи и дали тој е рамномерно распределен; протокот на сообраќај во ударните дневни термини; бројот на т.н. сообраќајни тесни грла; бројот на паркинг-места; бучавата; прашината; загадувањето итн., вели Видоески. Од немерливите параметри, според него, треба сите да се запрашаат околу тоа дали Тетово нуди просторни услови, но и други можности за индустриски, економски, културен, уметнички или спортски развој. Видоески вели дека прашањата се колкав е потенцијалот на градот во тоа да обезбеди работни места за специфични дејности, дали може да се смета дека градот е пристапен за лица со посебни потреби, колку градот е безбеден за пешаците, но и дали има обезбедено услови за алтернативни видови сообраќај, каков е јавниот превоз или какви се можностите за иден развој. Посочи дека е доволно секој тетовец да обрне внимание на овие параметри, да си ги одговори овие прашања и веројатно ќе му стане јасно колку е Тетово далеку од нормален живот во една урбана средина. Со градењето згради на места од куќи, со што доаѓа до оптоварување на инфраструктурата, се доведува во прашање квалитетното урбано живеење. Според архитектот, решението е едноставно - да се прекинат сите активности кои му штетат на урбаното живеење во градот под Шара. - Решение е да се прекине со таквата тенденција час поскоро, бидејќи проширувањето на капацитетот на постоечката канализација или водовод е делумно решение и само купува време. Бетонирањето на последните зелени површини или деградирани природни површини со цел да се обезбеди дополнително паркинг-место е погрешна политика, особено поради намалената порозност на тлото и климатските промени кои сѐ почесто носат големи невремиња, нагласува Видоески. Смета дека ќе дојде време кога Тетово ќе жали за грешките кои се правеле последниве 30-тина години, сѐ уште се прават и сега, а нема знаци дека ќе се престане со нив во блиска иднина. Градот нема направено Генерален урбанистички план од 2003 година. Сите локални власти досега редовно одобруваат промени и измени во деталните урбанистички планови, но градот нема ширење, туку ликот се менува со нови градби. Соговорникот вели дека е можно планско ширење на градот со нови населби планирани согласно Законот и подзаконските акти. - Тоа подразбира во сите нив да бидат вклучувани реонски центри, училишта, градинки, или сѐ што е потребно за основно функционирање на населбата без да мора дополнително да се оптоварува постоечкото изградено ткиво кое најчесто гравитира кон центарот. Не мора да одиме подалеку за одлични примери, такви своевремено биле Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров и др. скопски населби непосредно по земјотресот, планирани и изградени да функционираат малтене независно од дотогаш изграденото градско јадро. Целиот свет функционира на тој начин, вели тој. Видоески потсетува дека во Тетово се случува и зголемување на население со градење нови населби, но без да се предвиди пропратна инфраструктура за тоа. - Не може одредени сателитски населби од по 50-тина куќи да ги промовирате како инвестиција или луксузно живеење, а не се согласно ГУП-от на градот - немате предвидено каде тие луѓе ќе пазаруваат, каде ќе ги носат децата во градинка или на училиште, колку далеку ќе им биде најблиската здравствена установа, аптека или градски парк итн. Што ако во иднина околу градот добиеме уште 50 такви населби со по 40, 50 куќи и 10-тина згради, изградени само според детална или локална планска регулација, од кои приватни инвеститори прават профит? Што значи тоа за постоечките градинки или училишта во градот, за главните сообраќајни артерии или притисокот на водоводната мрежа? Не се планира на тој начин. Затоа генералните планови даваат насоки за тоа каде, колку и како може да се зголемува бројот на население, рече Видоески. Архитектот објаснува дека не почнува планирањето со деталните урбанистички планови или со одредена локална урбанистичка документација со која земјоделско земјиште се претвора во градежно. - Тие треба да служат само за поблиска артикулација на генералните регулации и да дадат директни параметри за интензитетот на градењето и реперкусиите предизвикани од него. Висококатниците кои се градат во центарот кои дополнително го нарушуваат балансот на градот не ги ни спомнуваме. Дополнително, сите планови без исклучок, имаат и индиректно рестриктивен механизам. Ако Општината преку ГУП или ДУП не предвиди градење на одредено место, особено не станбени згради, дава можност за зачувување на неизградените отворени простори какви што на Тетово му се неопходни. Токму кон тоа цели и нашата иницијатива „Тетово сака парк“. Целта е најпрво да спречиме градење на последниот простор со потенцијал за вистински градски парк, а дури потоа негово уредување, посочи Видоески. За да се стави поголем ред во градењето објекти, според архитектот, веќе во Тетово се потребни условно речено радикални урбанистички потези, мерки или потфати. - Потребен е вистински квалитетен ГУП. Потребни се вистински квалитетни ДУП-ови. Потребно е нивно почитување и строго придружување до нив. За тоа е потребна политичка волја, но потребни се и вистински стручни и некорумпирани кадри, отпорни на надворешни притисоци. Потребно е и унапредување на малкуте јавни простори, реупотреба по претходна експропријација на некои дивоизградени приватни градби кои, за среќа, не му наштетиле суштествено на Планот и не е неопходно нивно рушење. За жал, сметаме дека во одредена мера неизбежно е и непопуларното рушење одредени објекти со цел враќање на квалитетот на околниот простор во кој долетале. Сѐ друго се бебешки чекори и лов во матно, потенцира тој. Иницијативата „Тетово сака парк“, во која активно учествува и Видоески, дава пример за промена во една од најпоразителните области - немањето зеленило во Тетово. Затоа е поведена и иницијативата поради отсуството на вистински градски парк. Поедините зелени сегменти, како паркот кај Шарената џамија или паркот „Жена-борец“, не претставуваат вистински паркови поради малата површина, и од тој аспект Тетово нема вистински парк, особено не „градски“ во вистинска смисла на зборот. - Тука е и недоволната зелена површина по глава на жител, која се должи не само поради отсуството на вистински паркови, туку и поради малите зелени појаси долж булеварите, тесното заштитно зеленило меѓу коловозните ленти, немањето зелени катчиња помеѓу зградите итн. Светската здравствена организација препорачува минимум 9 квадратни метри зеленило по глава на жител, а како идеален просек е бројка од дури 50 квадратни метри. Тетово е далеку под минимумот, а што е потрагично никој и нема направено анализа за тоа колкава таква површина навистина имаме. По некои наши најоптимистички согледувања, Тетово нема повеќе од 1-2 квадратни метри зелена површина по глава на жител, можеби и помалку од тоа, вели Видоески. Тој потсетува дека во Тетово односот кон старите дрвја и високото зеленило е ништовен. Дрвјата нестручно се одржуваат или целосно се сечат со, според него, смешни објаснувања од локалните власти. - Поразителен факт е е непочитувањето на нормативот во Законот за урбано зеленило, кој вели дека 20 проценти од површината на секоја парцела наменета за домување мора да биде озеленета - оставена природна. Имаме ситуација кога дворовите околу куќите или зградите целосно се бекатонираат, што заради наводно полесно одржување, што заради паркирање. Тоа е погубно и поради поплавите - водата од целата парцела едноставно мора да се исфрлува на улицата, што дополнително и непредвидвидено ја оптоварува и атмосферската канализација - ако воопшто и има таква на дадена локација. И на петто и последно место е тенденцијата на градење нетранспарентни високи ѕидани огради, со што и во естетска смисла се нарушуваат одредени маала кои имале шарм поради убавите дворови кои ѕиркале низ претходно обичните огради. Ваквото нетранспарентно обѕидување со двометарски ѕидови на парцелите и под кои услови се дозволува посебно е регулирано во член 113 од Правилникот за урбанистичко планирање, но речиси никој не води грижа за него, посочува Видоески. Иницијативата „Тетово сака парк“ со повеќе аргументи до локалната власт предложи како да се создаде вистински градски парк на површина од 16 хектари. Предлогот е градски парк во источниот дел од градот на излез кон Скопје, место што, според нив, е единствениот простор каде може претставува парковска површина, кој доминантно е во државна сопственост, односно 74 проценти. Идејата за градски парк опфаќа четири урбани блокови, а иницијаторите посочуваат дека е неопходно да се измени Генералниот урбанистички план за два од нив и да им се додели намена Д за зеленило, рекреација и меморијални простори. Александар Самарџиев

Остани поврзан