• петок, 22 ноември 2024

Тетовецот Дејан Јовановски-Шаро напиша стихозбирка посветена на македонските манастири

Тетовецот Дејан Јовановски-Шаро напиша стихозбирка посветена на македонските манастири

Тетово, 11 јануари 2023 (МИА) – „Духовни светилишта во Македонија“ е насловена стихозбирката на тетовецот Дејан Јовановски-Шаро, која е негово прво дело посветено на македонските манастири. Тој успеал да создаде триесетина песни посветени на манастирските цркви.

Стиховите се создадени во периодот септември-ноември 2022 година, а инспирацијата се родила откако пред одреден период со сопругата животот го насочиле кон православната црковна духовност.

-Духовноста и посветеноста кон духовниот живот кај мене и сопругата се родија откако минавме повеќе месеци манастирски живот. Сопругата боледуваше, јас имав некои проблеми, па почнавме да одиме по манастири, прво во Македонија, па и во Грција. Ни се случи чудо, на Свети Нектариј Егински се случи чудо кај сопругата, се исцели од канцерот на дебелото црево, а мене со помош на моштите на Свети Ефрем и на манастирот Свети Георгиј во Кнежино ми се случи чудо, вели авторот Дејан Јовановски-Шаро.

Досегашните искуства во пишување на стихови кај 44-годишниот Дејан останале во рамки на семејството.  Печатењето на стиховите посветени на манастирите била негова молитвена желба, а за остварувањето добил помош и поддршка од многу луѓе.

 Имам благослов од мојот духовен отец Александар. Имав помош од монаси, теолози, лектори и други стручни лица. Господ не спои, тие иако помогнаа побараа да не бидат споменати во книгата, рекоа дека е големо духовно дело. Се надевам дека ќе успееме да посветиме повеќе внимание на манастирите, тие се нашиот двор и посакувам да бидат што е можно повеќе посетени и кај нас да доаѓаат посетители, како што одат во Грција и другите земји, и кај нас да се случуваат чуда. Се надевам повеќе верници да ги посетуваат црквите и манастирите, да се помогнеме на оној што му е потребно, тоа е и Христовата желба, ни изјави Дејан, познат во Тетово по прекарот Шаро.

Првите стихови, односно стихотворба е посветена на моливата Оче наш, а потоа и на светецот Свети Георгиј. Потоа почнуваат стихотворбите за манастирите, прво за Лешочкиот манастир „Свети Атанисиј“, за Бигорскиот манастир итн.

Средствата од сите стихозбирки што ќе се продадат авторот планира да бидат донирани во хуманитарни цели, односно на семејства што им е неопходна помош.

Книгата чини 200 денари, а може да се најде во берберскиот салон Стемфорд Бриџ“ кај мајстор Драган на улица „Јане Сандански“ и Маркет „КОРЗО“ кај Стара лименка, кај авторот на телефон 078/339-060. ас/мд/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан