• петок, 05 декември 2025

Тензичен почеток на конститутивната седница на албанскиот Парламент, продолжува попладне со избор на претседател

Тензичен почеток на конститутивната седница на албанскиот Парламент, продолжува попладне со избор на претседател

Тирана, 12 септември 2025 (МИА) - Првата седница на албанскиот Парламент, произлезен од изборите на 11 мај, беше прекината откако опозициските пратеници предводени од Сали Бериша, создадоа тензична атмосфера, обидувајќи се да стигнат до собраниската говорница, иако во првиот дел од седницата според деловникот не се предвидени дискусии.

Седницата, ја отвори социјалистот Васил Лајо,  како највозрасен пратеник, бидејќи ниту Сали Бериша ниту Тритан Шеху, и двајцата од опозициската Демократска партија (ДП), не се согласиле да ја водат оваа седница.

-Денес, според Уставот, ми е доверена задачата да ја отворам оваа сесија. Ова е свечен момент, бидејќи тука започнува поглавјето од следните четири години, каде што ќе се пишува историјата на нашата земја. Поблиску сме од кога било до членство во ЕУ. Ова е историска мисија на овој законодавен дом, да покаже дека Албанија е подготвена да седне на масата на Европската Унија. Ова не е партиска, туку национална мисија, рече меѓу другото Лајо.

Според деловникот тој продолжи со читање на имињата на 140-те пратеници, кое беше проследено со тензии создадени од опозицијата. Речиси целата опозиција дојде до  говорницата за да побара збор, упатувајќи навредливи зборови за пратениците од Социјалистичката партија или како што ја нарече партија на криминалот, по што претседавачот ја прекина истата.

На седницата присустваа претставници на дипломатскиот кор, како и поглаварите на верските заедници.

Седницата продолжува во 17 часот со давање заклетва на пратениците и избор на претседател, функција за која социјалистите го предлагаат Нико Пелеши, поранешен министер за одбрана.  По дадениот предлог нема дискусии, ќе се гласа тајно а се избира со мнозинство гласови.

Во 11-от парламентарен состав по падот на комунизмот, 83 мандати има владејачката Социјалистичка партија, 50 изборната коалиција „За величествена Албанија“ предводена од Демократската партија, три мандати Социјалдемократската партија, два Партијата на можности и по еден „Албанија се издига“ и Движењето „Заедно“. вт /сд/
Фото: принтскрин 

 

 

 

Остани поврзан