Тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија
- Клубот на ликовни уметници „Рашка школа цртања“ од Рашка, Србија, распиша тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија кој ќе трае до 31 мај.
![Тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија](https://mia.mk/images/20250215152723_big_730x400_96.webp )
Велес,15 февруари 2025 (МИА) - Клубот на ликовни уметници „Рашка школа цртања“ од Рашка, Србија, распиша тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија кој ќе трае до 31 мај.
Клубот ги повика сите основци и средношколци од трите држави да се пријават на стрип конкурсот, насловен „Се што велиме е дајте шанса на помирувањето!“
Конкурсот е организиран во партнерство со Creative City Center – The Multifunctional Social Cultural Center од Албанија и соработници од Македонија и Србија. Повикот е врз основа на грант од Младински фонд за култура на Западен Балкан (WBYCF)
Како што појаснуваат од „Рашка школа цртања“, темата на конкурсот е помирувањето, а развивање на свеста за меѓусебно помирување во регионот на Западен Балкан е општата цел на проектот.
-Излегување од заробеноста во минатото, конструктивно справување со минатото и спротивставување на говорот на омраза, барање на она што ги спојува, а не она што ги разликува балканските народи, почитување на жртвите без оглед на етничката припадност; зачувување на сеќавањата на настраданите итн., наведува организаторот на конкурсот.
Стриповите треба да се пратат на: raskaskolacrtanja@gmail.com Пристигнатите ќе бидат разгледани од интернационална комисија којашто ќе го направи изборот за наградените. Најдобрите стрипови ќе бидат претставени на изложба во јули во Рашка и ќе бидат објавени во посебен каталог. ад/хс/
Фото: ФБ Клуб на ликовни уметници „Рашка школа цртања“