• понеделник, 08 декември 2025

МИА во Израел: Тел Авив се уште меѓу најскапите градови во светот, војната удри врз економијата

МИА во Израел: Тел Авив се уште меѓу најскапите градови во светот, војната удри врз економијата

Скопје, 8 декември 2025 (МИА)

Мирјана ЧАКАРОВА

Израел ја завршува 2025 година со политика што балансира меѓу внатрешните превирања и регионалниот конфликт. Формалната воена состојба не е укината, а честите инциденти на Западниот Брег продолжуваат. Се уште „виси“ неизвесноста околу Газа. Анкетите од јули покажаа дека над 70 отсто од Израелците го поддржуваат прекинот на огнот, но општеството е поделено околу начинот и конечното решение.

Ако во овој период го посетите Ерусалим, нема директно да забележите ништо, дури и на некој начин ќе се чувствувате безбедно. Можете без никаков проблем да отидете до Стариот град, да шетате низ камените улички, да свратите до некое од кафулињата во „модерниот дел“, а навечер да уживате во „жива свирка“ или да пробате улична храна. Често ќе "приметувате" цивили со огнено оружје, но локалците велат дека тоа не е невообичаено. Како што објаснуваат, се работи за резервисти кои секако „го должат“ оружјето, го имаат кај себе дома и сами одлучуваат дали ќе излезат со или без него.

Слично е и во Тел Авив. Слободно можете да ги „,мерите“ улиците пешки или со изнајмен велосипед, па и со електричен тротинет, да се рекреирате покрај морето, да пливате, да џогирате или да одите до стариот дел - Јафа. Ќе ве пречекаат насмеани, љубезни лица. Доколку поразговарате со нив, ќе ви речат дека денес Израел главно се перцепира низ призмата на војната, дека сликите што доаѓаат од Израел во другите земји се, всушност, сликите од Газа и луѓето (потенцијални туристи), нормално, се плашат. Тоа, нагласуваат, треба да се смени.

Додека возите од еден до друг град, во очи ви паѓа интензивното градење, не само улици, булевари, автопати, туку и згради. Како да никнуваат нови населби на сите страни.

Според статистиката, финансиските трошоци на земјата од повеќекратните конфликти се огромни. Во вториот квартал од 2025 година Израел забележал пад на БДП од 3,5 отсто, првенствено поради војната со Иран која силно „удрила“ врз потрошувачката, а имала и одредено влијание врз извозот и инвестициите. Драстичен пад, од скоро 80 проценти, бележи и туризмот.  

Без оглед на војната што формално трае и се уште има повремени судири во Газа и Либан, поради континуираниот прилив на странски капитал (особено во високотехнолошкиот сектор, кој во вкупниот извоз на земјата учествува со 57 отсто) вредноста на националната валута последните шест месеци е зајакната за петнаесетина проценти. Преземањето на израелската кибер-компанија Wiz на почетокот на оваа година, Google го чинеше 32 милијарди американски долари, што во Израел се смета за доказ за отпорноста на израелската економија и општество.

Тел Авив се уште важи за еден од најскапите градови во светот. Во централниот дел еден квадратен метар станбена површина чини 16 000 евра. Доколку се изнајми стан таму, месечната кирија е од 4 000 до 5 000 евра па нагоре. Во некоја од просечните населби, за купување стан цената за квадрат почнува од 10 000 евра. И Ерусалим е, исто така, многу скап.

Просечната плата во земјата изнесува 14 000 шекели што е околу 4 300 долари. Плата, на пример, на возач е меѓу 2 200 и 3 200 долари.

Литар бензин „95“ е 115 - 120 денари, а дизелот чини 130 денари.

Ако сакате да пробате некој израелски „специјалитет“ во Јафа (Тел Авив), треба да бидете подготвени дека ќе платите околу 1 800 денари. Ако, пак, се одлучите за „брза храна“, ќе поминете нешто поевтино. Хамбургер чини 700 денари, а цел оброк - хамбургер со компирчиња и пијалок е 1 300 денари. Топка сладолед во поексклузивните слаткарници чини 340 денари.

Цените во маркетите се отприлика вакви: филтер чај 439 денари, 200 грама инстант кафе 586 - 619 денари, краставици 244 денари, кромид 146, шери домати 179 денари, домати 228 денари, тестенини 130 денари, леќа 179 денари, ориз 277 денари, зејтин 163 денари, брашно 114 денари, прашок за перење 293 денари, црн леб 309 - 375 денари, бел леб 326 денари, органско млеко 277 денари, некои од сувомесните производи од 120 грама, на пример, чинат 310 денари,  мастики 260 денари, грозје во канче е 603 денари, модра слива 456 денари, јаболко 261 - 310 денари и банани 212 денари.  

На акциски попусти може да се „начекаат“, на пример, 100 грама суво грозје за 32,5 денари, индиски ореви за 65 денари, бразилски ореви за 146,5 денари, три шишиња вино за 1 630 денари или килограм лосос за 895,5 денари.

Северна Македонија и Израел имаат стабилни политички односи, со значаен потенцијал за унапредување на соработката 

Трговската размена со Северна Македонија, како и со останатите земји од нашиот регион е релативно мала, нешто под 30 милиони долари. Двете земји имаат блиски и стабилни политички односи, со значаен потенцијал за унапредување на соработката во специфични сектори, за што е неопходна директна авиолинија. Тоа би отворило дополнителни можности во области како туризмот и бизнисот.  

Традиционално со Израел имаме многу добри односи, но тоа е само основа, велат познавачите, за врз неа да се изгради соработката во останатите сектори, посебно во туризмот и бизнисот, како и во културата.

Израел беше една од првите земји кои упатија свој тим лекари во Македонија, по трагичниот пожар во Кочани. 

- Потенцијалот е многу голем, а на многу добрите односи меѓу двете земји останува да се посвети потребното поголемо внимание на секторската соработка. За тоа е потребна поголема размена на луѓе и идеи, за што, пак, за почеток е неопходно воведување директна авиолинија Македонија - Израел. Во Македонија веќе доаѓаат израелски туристи, обично како дел од регионални туристички тури, иако за некои сме и директна туристичка дестинација. Досега израелските туристи не посетуваа преку ад-хок организирани тури. Таа бројка во моментот се движи околу 15 илјади. Немојте да се изненадите ако на улица во Израел запознаете некого кој неодамна ја посетил Македонија. Израелците имаат пари и сакаат да патуваат, тврдат претставници на нашата заедница во Израел.  

Во ситуација на затворени граници во Турција, израелските туристи бараат алтернативни дестинации, и Балканот, како и Македонија во тој контекст, е логичен избор - географски блиску до Израел и со чувство на добредојде кое Израелците го ценат, споредено со непријатните искуства во други европски држави.

-Но, многу е важно ние да ги привлечеме израелските туристи, истакнуваат македонските стопанственици и обичните граѓани кои често го посетуваат Израел.  

Светот, како и јавноста во нашата држава, Израел се уште го гледаат како земја во војна, а и сликите што доаѓаат од Израел кај нас се сликите од Газа, велат дел од стопанствениците. Според нив, ова може да се надмине така што ќе се работи на поголема размена во бизнис секторот, во културата и туризмот, во јавниот и приватниот сектор. Така, нагласуваат, ќе се види потенцијалот и ќе се отвори патот.

Израелските компании заинтересирани за авиопревоз бараат конкретни бројки од нашата држава - колку точно туристи би дошле во Израел и бараат гаранции дека одлуката за директен лет нема да предизвика економски загуби, што, пак, стопанствениците се убедени дека нема да се случи.

Покрај Приштина, Скопје е единствениот главен град во регионот кој нема директен лет со Тел Авив. Сараево, на пример, има сезонски лет во текот на летниот период. Сезонскиот лет до Охрид, што траеше неколку години, се чека да се обнови.

Според бизнисот, ако се воспостави директен лет, ќе има и македонски државјани кои ќе дојдат во Израел, примарно за религиски туризам во Ерусалим, но и Израелци кои ќе ја посетат земјава, вљубени во убавините на нашите езера, планини и градови, како и сличноста на нашите култури. Во Израел за нашата држава се слушаат само убави зборови.  

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан