Теа Божиновска и Александар Арсов победници на државниот полумаратон во Битола
- Атлетичарката Теа Божиновска, членка на АК Скопски маратон и атлетичарот Александар Арсов, член на АК Делта се годинашни победници на државниот полумаратон што денес се одржа во Битола.
Битола, 14 септември 2025 (МИА) – Атлетичарката Теа Божиновска, членка на АК Скопски маратон и атлетичарот Александар Арсов, член на АК Делта се годинашни победници на државниот полумаратон што денес се одржа во Битола.

Божиновска и Арсов трчајќи по битолските улици постигнаа и лични рекорди, оставајќи ги зад себе Марина Домазетовска и Ана Шиковска, односно Муџахид Мислимовски и Жан Тосев.
- Прв пат трчам во Битола и токму тука го постигнав мојот личен рекорд со време 1:24:32. Патеката беше многу добра со променлив ритам, малку искачување, малку спуст и уживав. Ќе продолжам да се занимавам со атлетика иако претходно тренирав фудбал. Мојот следен предизвик е маратонот, иако според мојот тренер за таков подвиг е сеуште рано, изјави за МИА, Божиновска.

Трката од 21 километар најбрзо ја истрча штипјанецот Александар Арсов, член на АК Делта-Скопје.
- Времето беше одлично за одлична трка со одлична организација. Денеска го подобрив мојот личен рекорд на 21 километар кој сега е со време од 1:13:45 и е подобар од ланскиот полумаратон што се одржа во Скопје. Инаку освен во Македонија, настапив на Балканските првенства во Романија и Бугарија, а посакувам в година да учествувам на маратон, изјави за МИА, Арсов.
Паралелно со трката на 21 километар, денес во Битола се одржаа и трки на 5 и 10 километри, а во рамки на спортско-рекреативната манифестација „Трчај, бе“.
- Годинава освен полумаратонот кој го организиравме со Атлетска федерација на Македонија, се одржа и традиционалниот натпревар „Трчај, бе“ со над 1700 учесници од 15 држави во светот, меѓу кои Австралија, Бразил, Бугарија, Турција, Грција … и секако од Македонија. Но, годинава имавме и 85 волонтери, меѓу нив највозрасната баба Љубе со 71 година. В долж патеката, имавме 30 фан-точки соодветни на темата на трката „Битолси“, и затоа низ градот имавме настапи културно уметнички друштва, ди-џеи, еден оркестар и друга забава со што трката ја прави најкреативна во Македонија, истакна Никола Димитровски, менаџер на „Трчај, бе“.
Награди на најуспешните учесници им доделија градоначалникот Тони Коњановски, спортисти и јавни личности од Битола. мт/зс/
Фото: МИА