• петок, 22 ноември 2024

Театар Комедија додели финансиска помош за Доброволното противпожарно друштво од Кочани

Театар Комедија додели финансиска помош за Доброволното противпожарно друштво од Кочани

Кочани, 1 август 2024 (МИА) – Националната установа Театар Комедија од Скопје финансиски им помага на кочанските пожарникари волонтери, кои се вклучени во гаснењето на пожари и други интервенции во источниот регион. Според одлуката, од буџетот на установата издвоени се 150 илјади денари, како финансиска поддршка за Доброволното противпожарно друштво Кочани.

- Помошта во борбата со огнената стихија во овие тешки моменти е нужна, поради што ги бодриме сите тимови низ Македонија, со пораката дека пожарникарите не се сами, истакнуваат од Националната установа.

Директорот на Театар Комедија Дарко Спасов нагласи дека се работи за скромна поддршка како благодарност за исполнувањето на благородната задача што ја имаат пожарникарите.

-Им помагаме на сите, им помагаме на пожарникарите, на сите, кога ќе помогнеш на еден човек веројатно помагаш на целото човештво. Ние имаме таква идеја дека треба да поттикнеме некаква колективна свест, дека од нас зависи како ќе се грижиме, во каков свет ќе живееме и затоа ние одвоивме, тоа не се големи средства, 150 илјади денари, но секогаш одвојуваме од малкуте што го имаме. Се надеваме дека ќе поттикнеме некакво будење, дека секој мора да помогне. Противпожарните единици се навистина сериозни актери, сериозни борци и додека ние некако лабаво чекаме да заврне во ноември дожд, некој ја чува нашата земја. Тоа е катастрофа што ни се случува, така што, еве, апелирам до сите, кој колку може да помогне. Имаме стручни оспособени екипи на кои им е потребна помош, истакна Спасов.

Поддршката за кочанските пожарникари, без разлика дали се работи за професионалните припадници на ТППЕ – Кочани или, пак, за пожарникарите волонтери од ДПД – Кочани е повеќе од неопходна, особено во овој период на зголемен број пожари, нагласуваат од Театар Комедија.

На последната седница на Советот на Општина Кочани, исто така беше донесена едногласна одлука на ДПД – Кочани да му се додели помош со буџетски средства во висина од 200 илјади денари. та/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан