• недела, 22 декември 2024

Театарски поткасти на „Самоглас“ посветени на историјата на МТФ „Војдан Чернодрински“

Театарски поткасти на „Самоглас“ посветени на историјата на МТФ „Војдан Чернодрински“

Прилеп, 3 мај 2023 (МИА) - Со првата епизода „Почетоците на фестивалот“ денеска почна новиот проект „Репертоар - театарски поткаст на аудиобиблиотеката „Самоглас“, а го реализира во соработка со Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни во Прилеп, по 57 пат.

Во проектот станува збор за театарски поткасти, чија реализација е поддржана од Министерството за култура и „Europe House“ - Скопје. Предвидени се две поткаст сезони.

Во првата епизода „Почетоците на фестивалот“, што e објавена денеска, гостинка е професор д-р Јелена Лужина, една од најдобрите познавачи на Фестивалот и ги знае сите значајни информации и факти за неговите почетоци, раст и развој. Таа има креирано неколку монографии директно поврзани со Фестивалот, меѓу кои е и јубилејната монографија во чест на 50. роденден на  оваа најзначајна театарска манифестација, потоа се монографиите за Илија Милчин и за Кирил Ристоски, како и зборници од четирите симпозиуми.

Поткастите ги водат актерките Сара Анастасовска и Ангела Стојановска. Тие зборуваат за минатото на театарскиот фестивал во вкупно шест епизоди: Почетоците на фестивалот; Чување на фестивалската меморија; Сите награди на фестивалот; Награда за животно дело; Коле Чашуле и фестивалот; Војдан Чернодрински на фестивалот.

Во наредните епизоди на „Самоглас“, што ќе се објавуваат секоја среда, гости ќе бидат Ана Стојаноска, Петар Темелковски, Стојан Дамчески, Сотир Трајков, Лилјана Мазова, Каролина Мицевска, Иван Додовски, Зоја Бузалковска, Бајруш Мјаку, Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Лидија Иваноска, Александар Степанулески, Исидор Јованоски, Сара Спиркоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Дејан Лилиќ, Сашко Насев, Дарја Ризова, Ѓорги Јолевски, Хакан Даци, Гентијана Рамадани, Наташа Петровиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Сабина Мемиши, Александар Михајловски, Марко Трајковиќ, Ќендрим Ријани, Нела Витошевиќ, Љупчо Ѓоргиевски, Дејан Дуковски, Благица Секуловска и Бранислав Николов.

 Втората сезона на театарските поткасти ќе се снима и емитува за време на одржувањето на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, од 9 до 16 јуни. Аудиомонтажер и продуцент е Христијан Поп-Симонов, а Петар Антевски е задолжен за изработката на промотивните материјали.

Секој може бесплатно да ужива во аудиобиблиотеката преку креирање на кориснички профил на www.samoglas.mk или преку користење на мобилните апликации на „Самоглас“, достапни на: AppStore, PlayStore и AppGallery.

Инаку, на 15 мај, на прес-конференција ќе бидат соопштени претставите на македонските театри кои ќе бидат во официјалната конкуренција на годинашниов Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински. Новиот уметнички директор и претседател на Собранието на Фестивалот, театрологот и професор Ана Стојаноска најавува збогатен облик на Фестивалот и нови содржини.ем/бт/

фото извор  „Самоглас“

Остани поврзан