Тајланд изнесе низа обвинувања против Камбоџа
- Министерството за надворешни работи на Тајланд во соопштение ја обвини Камбоџа за поставување мини што повредија тајландски воен персонал во последните денови и за денешните напади врз воени бази и цивилни области во Тајланд.
Бангкок, 24 јули 2025 (МИА) - Министерството за надворешни работи на Тајланд во соопштение ја обвини Камбоџа за поставување мини што повредија тајландски воен персонал во последните денови и за денешните напади врз воени бази и цивилни области во Тајланд.
-Кралската тајландска влада остро го осудува кршењето на суверенитетот и меѓународното право на Тајланд, по поставувањето на противпешадиски мини на тајландска територија, во кое беа повредени тајландски војници за време на воена патрола на 16 и 23 јули 2025 година. Утрото на 24 јули 2025 година, тајландската воена база беше подложена на силен артилериски оган што траеше цело утро. Нападите, исто така, беа насочени кон цивилни области во Тајланд, вклучувајќи болница, што резултираше со цивилни жртви и смртни случаи, се наведува во соопштението.
Се додава дека „поради тоа, со оглед на сериозноста на ситуацијата како резултат на намерните и планирани активности на Камбоџа против Тајланд, Кралската тајландска влада одлучила да ги намали дипломатските односи и да го повлече тајландскиот амбасадор од Камбоџа, и бара од камбоџанската влада да го стори истото - да го повлече својот амбасадор од Тајланд“.
-Кралската тајландска влада ја повикува Камбоџа да ги прекине своите повторени дејствија што претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Ваквите активности фундаментално се спротивставуваат на принципите на добрососедски односи и добра волја и дополнително ќе го оштетат угледот и кредибилитетот на Камбоџа на светската сцена. Кралската тајландска влада ја повикува Камбоџа да ја преземе одговорноста за инцидентите што се случија, да се прекинат нападите врз цивилни и воени цели и да се прекинат сите дејствија што го нарушуваат суверенитетот на Тајланд. Кралската тајландска влада е подготвена да ги зајакне мерките за самоодбрана доколку Камбоџа продолжи со вооружени напади и кршење на суверенитетот на Тајланд во согласност со меѓународното право и принципи, се вели во соопштението.
Министерството за надворешни работи на Тајланд ја повика Камбоџа да престане со дејствијата за кои вели дека претставуваат сериозни прекршувања на меѓународното право.
Додаде дека Тајланд е подготвен да ги засили мерките за самоодбрана доколку Камбоџа продолжи со вооружените напади. Камбоџа го обвини Тајланд за употреба на прекумерна сила по должината на камбоџиската страна од границата.
Бројот на жртви во Тајланд расте. Еден припадник на војската и 11 цивили беа убиени во вооружените судири, изјави министерот за здравство на Тајланд, Сомсак Тепсутин. Вкупно 35 лица беа погодени од нападот, додаде тој.
Министерството за образование на Тајланд нареди привремено затворање на училиштата во пограничните области по конфликтот со Камбоџа.
Според извештаите, 582 училишта се затворени во провинциите Сурин, Сисакет и Бурирам откако беа испукани ракети во станбени области. Некои училишта надвор од опасната зона се користат и како привремени засолништа.
Кина вели дека е „длабоко загрижена“ поради ескалацијата на тензиите на границата меѓу Тајланд и Камбоџа, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи на дневната прес-конференција, според Би-Би-Си.
„Кина се надева дека двете страни можат правилно да ги решат своите проблеми преку дијалог и консултации“, рече Гуо Џиакун, додавајќи дека Пекинг ќе заземе „фер и непристрасен став“.
-Ние сме биле и ќе продолжиме да го промовираме мирот и да го охрабруваме дијалогот на наш начин, играјќи конструктивна улога во помагањето за деескалација на ситуацијата, рече тој. Порано овој месец, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ги повика двете земји да ги решат граничните спорови преку дијалог. Тој, исто така, ја изрази подготвеноста на Кина да „игра конструктивна улога во воспоставувањето хармоничен коегзистенција меѓу Тајланд и Камбоџа“.
Малезискиот премиер изјави дека ќе разговара со лидерите на Камбоџа и Тајланд до крајот на денот. „Најмалку што можеме да очекуваме од нив е да се повлечат и, се надеваме, да се обидат да започнат преговори“, изјави Анвар Ибрахим пред новинарите.
Малезија моментално претседава со АСЕАН, блокот на Југоисточна Азија, чии членови се и Тајланд и Камбоџа, објави Би-Би-Си. мс/
фото: ЕПА