Тајани: Европа мора да биде протагонист на новото време, а не набљудувач
- Шефот на италијанската дипломатија и вицепремиер Антонио Тајани денеска изјави дека постои улога што Европа мора да ја одигра, за да биде протагонист на нова ера, како во мирот на Блиски Исток, така и во Украина, и оти не може да биде само набљудувач

Рим, 20 февруари 2025 (МИА) – Шефот на италијанската дипломатија и вицепремиер Антонио Тајани денеска изјави дека постои улога што Европа мора да ја одигра, за да биде протагонист на нова ера, како во мирот на Блиски Исток, така и во Украина, и оти не може да биде само набљудувач.
- Европа мора да ја зајакне својата одбрана по посакуваниот крај на украинската војна, трансатлантскиот однос е една од нашите ѕвезди водилки, истакна Тајани.
Тој додаде дека Европа мора повеќе да вложува во одбраната, а Италија да ги почитува преземените обврски од НАТО и да издвојува два проценти од бруто домашниот производ за одбраната.
Тајани посочи дека НАТО има два столба - американски и европски.
- Убедени сме дека мора заедно со САД, Украина и Европа да изградиме пат кон мирот, со цел да ја гарантираме безбедноста и на Киев и на целата ЕУ во иднина. Овој пат може да се изгради само со силни односи меѓу САД и, се разбира, Италија, која е дел од Европа, наведе Тајани.
Според него по завршувањето на војната на Украина ќе и треба воено одвраќање, а најдобро за тоа се силите на Обединети нации. Но, Тајани не ја исклучи и можноста Италија да испрати трупи во Украина. ми/
фото: МИА архива