• петок, 20 декември 2024

Таравари: Со својата антиалбанска реторика ВМРО-ДПМНЕ по следните избори нема да може да најде албански партнер

Таравари: Со својата антиалбанска реторика ВМРО-ДПМНЕ по следните избори нема да може да најде албански партнер

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) - Со антиалбанската реторика, ВМРО-ДПМНЕ си наштетува себеси, бидејќи по следните избори нема да може да најде албански партнер за соработка, порача лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.

Таравари во гостување во емисијата „Аргумент“ на вториот канал на јавниот сервис рече дека со „антиалбанскиот вокабулар“, кој, според него, освен ВМРО-ДПМНЕ го користи и Левица, се создава една општа атмосфера дека Албанците се тие што ја кочат државата, дека сакаат да го сменат Уставот по секоја цена или дека се однесуваат како да се против Македонците.

Зборувајќи за обвинувањата кои ВМРО-ДПМНЕ ги упати кон партиите на Албанците, особено кон ДУИ и кон Алијансата за Албанците, Таравари вели дека оваа „руски контролирана партија“ има цел да го претстави во јавноста како радикален и корумпиран политичар.

- Имаат две цели со таа руска пропаганда - едната е да го претстават Таравари како радикален, како националист, шовинист, ултранационалист, а втората - дека сум корумпиран. Треба да знаат дека неколку пати сум кажал оти не сум човек што дозволува да биде уценуван и не можам да бидам корумпиран. Во моментот кога ќе ме уценуваат, нема да се занимавам со политика, одам во пензија, рече лидерот на Алијансата.

Во оваа насока, Таравари нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја искористила неговата изјава дека ако уставните измени не бидат изгласани ќе дојде до радикализација за да го обвини дека сака дестабилизација и војна. фф/сп/

 Фото: МИА Архива

Остани поврзан