• недела, 22 декември 2024

Таравари: Османи е автор на планот за деескалација на северот на Косово што го одби косовската влада

Таравари: Османи е автор на планот за деескалација на северот на Косово што го одби косовската влада

Скопје, 8 април 2024 (МИА) – Арбен Таравари од Коалицијата ВРЕДИ го обвини Бујар Османи од ДУИ, неговиот противкандидат на претстојните претседателски избори, дека е автор на планот за деескалација на северот на Косово изработен во јуни 2023 година кој не беше прифатен и спроведен од косовската влада. Тоа, како што кажа на денешната прес-конференција, го потврдил и самиот Османи во интервју за косовска телевизија дадено завчера во кое посочил дека неговиот план донел мир.

-Вчера доживеав шок кога ја видов официјалната реакција од Владата во Приштина во која беше елаборирано дека авторот на планот од девет точки на ОБСЕ за деескалација и нормализација на северот на Косово всушност бил лично Бујар Османи како претседавач на оваа организација. Авторството на овој план кој во тоа време беше целосно антипод на ситуацијата и интересите на Косово, односно Албанците го потврди и господинот Османи, намерно или ненамерно, во едно интервју завчера во Косово, рече Таравари.

Нагласи дека поради планот имаше големи притисоци врз Косово и праша како може план кој беше целосно отфрлен од косовските власти да донесе мир.

-Во планот Бујар Османи предложи Косово да ја повлече специјалната полиција од северот на државата. За безбедноста на теренот тој предложил одговорна да биде редовната полиција со помош на КФОР и ЕУЛЕКС, а четворицата градоначалници Албанци легално избрани по бојкотот на изборите од тамошните Срби да поднесат оставка во летото 2023 година, што беше официјално барање и на официјален Белград, појасни Таравари.

Побара од Османи да и објасни на јавноста зошто побарал специјалната полиција да си замине од северот на Косово, а да остане само обичната полиција.

-Османи синоќа изјавил дека јас немам информации за начинот на усвојување на неговиот штетен план. Вистина е дека јас не сум претседавал со ОБСЕ, но јас не се ракував со Лавров, Вучиќ и Дачиќ, ниту ги посвоив нивните барања, потенцира Таравари.

Прашан дали како претседателски кандидат има план и визија како да се задржи безбедноста на државава и на македонските граѓани, Таравари рече дека тоа е предвидено во неговата програма која е поставена на официјалната веб страница на четири јазици –македонски, албански, турски и англиски јазик.

-Еден од главните столбови на таа програма е сигурноста и безбедноста на државата, посочи Таравари.

Лидерот на БЕСА Биљал Касами во одговор на новинарско прашање рече дека Коалицијата е подготвена да разговара за укинување на балансерот само во случај доколку се понуди подобро решение за застапеноста на сите етнички заедници во сите институции.

-Ако се мисли дека сите немакедонци се неквалификувани за држава администрација, тоа е неприфатливо. Ако се бара во делот на застапеноста да биде ставен и квалитетот на луѓето кои ќе бидат вработени ние сме подготвени да разговараме да најдеме решение кое ќе го има во предвид и мерит системот, рече Касами.

Изет Меџити од Демократското движење, пак, во одговор на новинарско прашање посочи дека Османи со тврдењето дека услов за спроведување на уставните измени е влада за национален спас во која ќе влезат сите политички партии сака само да го спаси ДУИ од одговорност.

-Во изминатите години ДУИ и Османи постојано зборуваа за уставни измени за евроинтеграции, но се случуваше секојдневна злоупотреба на европското знаменце за други девијации за кои имаше реакции од европските власти и од европските амбасадори. Цело време зборуваа за уставни измени, а нив цел им е да бидат дел од секоја влада за да се спасат од криминалните скандали за кои треба да поднесат отчет и да имаат одговорност. Тие не мислат за иднината на граѓаните, туку како да се спасат од одговорност, рече Меџити.

Нагласи дека нивен приоритет се евроинтеграциите, но во вистинска смисла и додаде дека Коалицијата ВРЕДИ се сигурен гарант за уставните измени кои им се топ приоритет и првото нешто за кое ќе разговараат и преговараат со другите со кои треба да ја формираат идната влада.вј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан