Таравари: Нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“ (ДПЛ)
- -Тендерот најверојатно ќе го поништам, има разно разни шпекулации, отворени сме за сите политички партии и за јавноста, коишто имаат идеја како да го решиме проблемот на паркинзи и катни гаражи, не мора да бидат катни гаражи, нека ми дадат идеја како поинаку да ја решиме гужвата што се прави на Клинички центар. На луѓето им треба приближно еден час да се паркираат, рече Таравари.

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клинички центар.
Таравари посочи дека се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот.
-Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар, рече Таравари.
На новинарско прашање дали ќе се поништи тендерот вели дека најверојатно ќе биде поништен, додавајќи дека се отворени за јавноста за идеи како да се реши проблемот со паркингот на Клинички.
-Тендерот најверојатно ќе го поништам, има разно разни шпекулации, отворени сме за сите политички партии и за јавноста, коишто имаат идеја како да го решиме проблемот на паркинзи и катни гаражи, не мора да бидат катни гаражи, нека ми дадат идеја како поинаку да ја решиме гужвата што се прави на Клинички центар. На луѓето им треба приближно еден час да се паркираат, рече Таравари.
Министерот повтори дека се размислува за две опции, оти се отвора простор да бидат транспарентни и отворени за сите кои имаат идеја кое би било најдоброто решение кадешто пациентите вооопшто не би плаќале, или би плаќале што поевтино.
-Јас нема да дозволам да се злоупотребува името на Министерството за здравство, ова е тема за која се разговара пет-шест дена, ова е навистина загрижувачки и барам решение кое ќе биде општоприфатливо. Ги повикав ЈП Паркинзи да видам дали може тие да инвестираат во катни гаражи и да продолжат да стопанисуваат со паркинзите на Клинички центар, што е едно од можните решенија. И ако евентуално тие не можат, тогаш да размислиме за друга опција. Во меѓувреме ќе разговараме со сите чинители, политички партии, невладини организации, што имаат идеја како стигнеме до цена под 30 денари за паркинг за час, и да имаме поголем бенефит за општеството и за државата, рече Таравари.
Додаде дека на Клинички се потребни уште минимум 500 до 600 паркинг места, а за да нема никаква гужва неопходно е од 1000 до 1110.
Медиумите минатата недела објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Доколку го добиеше договорот, ќе беше обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе можеше да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе требаше да и префрли само 1 отсто од годишните приходи.
Опозициската СДСМ пред прес-конференцијата на министерот Таравари покажа документ и обвини дека Министерството за здравство и министерот Арбен Таравари уште од самиот почеток за зделката за „Ѓока Констракшн“, се откажале од 99 отсто од приходите и ги оставиле на приватната компанија.
-Излегоа на виделина јасни докази за скандалозната зделка за паркингот на Клининички центар. Ова се документите од огласот за тендерот којшто го објавил Министерството за здравство. Се потврдува дека Министерството за здравство и министерот Арбен Таравари уште од самиот почеток за оваа зделка за „Ѓока Констракшн“, се откажале од 99 отсто од приходите и ги оставиле на приватната компанија. Значи за приватна компанија 99 проценти од приходите, а за државата само мизерен еден отсто! Или во бројки. За годишен приход од 3,5 милиони евра од паркингот на Клнички центар, за државата би биле само 35.000 евра а за приватна компанија 3.465.000 девра. Е затоа овој скандал е огромен, рече на прес-конференција Мартин Костовски од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски во петокот изјави дека во врска со стопанисувањето на паркингот на Клинички центар се уште нема одлука на Влада, а договор не е потпишан, и како што кажа, „ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме“.
Премиерот се повика на физибилити студијата изработена од претходната влада според која паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да биде менаџиран од приватен оператор. Ги повика Градски паркинг Скопје да направат ред бидејќи Клиничкиот центар не функционира, како што кажа, во нормални услови. нд/ац/
Фото: МИА