• понеделник, 23 декември 2024

„Талија“ - филм што покажа како ентузијазмот на тетовци го одржал вековниот градски театарски живот

„Талија“ - филм што покажа како ентузијазмот на тетовци го одржал вековниот градски театарски живот

Тетово, 24 јуни 2022 (МИА) - Во Тетово вчера беше прикажан документарниот филм насловен „Талија“ посветен на театарскиот живот во градот.

Авторот и режисер на филмот Саше Серафимовски во филмот прикажа хронологија на почетоците на театарските претстави кои се играле во дворовите на црквите и куќите во 19 век, која потоа продолжува со претставувањето на Градскиот народен театар (1949-1954) и функционирањето на аматерскиот театар и Драмското студио при Домот на култура во годините кои следат.

Сите соговорниците во филмот го истакнуваат огромниот ентузијазам кој постоел кај луѓето кога станувало збор за личната жртва се со цел да се подготви една претстава.

- Театарот е религија, а не хоби. Од тоа не сме живееле, ама за театарот живееме. Јас можам да се откажам од цигари, ама од театарот не, порачаа поранешните актери во драмското студио преку филмот. Театарот во Тетово е институција која живее долго, долго и многу години. Како дел од тој театар сме преживеле многу настани, сами сме ковале штици на сцена, сами се правела гардероба. Аматерскиот театар му даде белег на мојот град, даде историја на мојот град, имавме добри актери одработено беше тоа  од срце и со голема љубов. Младите прават добри работи, Тетово има талент и продолжува традицијата, изјави Драган Павловски, соговорник во филмот и поранешен аматерски актер во Драмското студио.

Историчарот Бранислав Светозаревиќ истакна дека овој филм е една трајна вредност со која се  оддолжуваме на сите генерации тетовски глумци и останува аманет за идните генерации.

-Кога се гледа ретроспектива од 120 години на театар во еден град навистина е за секоја почит. Има една импресивна историја и покрај тоа што никогаш во Тетово не успеавме да направиме посериозно во професионален план, но не значи дека во иднина не треба не треба да се прави. Ме импресионира тој ентузијазам и тој дух кој се пренесува од колено на колено и преку актерите кои до денеска културно не обогатуваат и забавуваат, изјави Светозаревиќ.

Авторот Саше Серафимовски порача дека ова ќе биде траен документ во дигитална форма на градот и на овој начин да не се забораав вистинските вредности.

-Да не се заборавиме дека Тетово е стар театарски град, можеби и најстар театарски град кој бележи традиција од 124 години.  Во општествено политички контекст пораката е дека тие во институциите треба константно да работат да се имаат тие вредности како се работело пред 50 години бидејќи за тој пола век вредносите се изместени, изјави Серафимовски.

Асистент режисер е Игор Бачовски, а извршен продуцент Миќо Стојчевски. Филмот е почнат со снимање во 2015 година. ас/бт/

Остани поврзан