• недела, 22 декември 2024

Талибанците забранија прикажување на слики од луѓе и животни во медиумите

Талибанците забранија прикажување на слики од луѓе и животни во медиумите

Кабул, 15 октомври 2024 (МИА) - Талибанските медиуми престанаа да прикажуваат слики од живи суштества - луѓе и животни, во некои авганистански провинции, со цел да се придржуваат кон законите за морал, изјавија денеска претставници на локалните власти.

Во август, Министерството за промоција на доблест објави закони кои ги регулираат аспектите од секојдневниот живот како што се јавниот превоз, медиумите и прославите.

Член 17 забранува објавување на слики од живи суштества, што според заговорниците за човекови права предизвикува загриженост за последиците врз авганистанските медиуми и слободата на печатот.

Портпаролот на Министерството за промоција на доблест, Саиф ул Ислам Хајбер, рече дека на владините медиуми во провинциите Тахар, Мајдан Вардак и Кандахар им било препорачано да не емитуваат или прикажуваат слики „од што било со душа“, подразбирајќи луѓе и животни.

Хајбер рече дека министерството е одговорно за спроведување на законите за морал, но не прецизираше дали правилата се однесуваат на сите медиуми, вклучувајќи ги странските, или само на авганистанските канали и интернет страници, ниту како ќе се спроведуваат законите.

Ниту една друга земја со мнозинско муслиманско население не наметнува слични ограничувања, вклучувајќи ги Иран и Саудиска Арабија.

За време на претходното владеење на талибанците во доцните 1990-ти, целосно беа забранети повеќето телевизиски станици, радио-станици и весници. ссм/

архива

Остани поврзан