• недела, 22 декември 2024

Сунак, Рама и Мелони утре на средба во Рим посветена на напорите за борба против илегалната имиграција

Сунак, Рама и Мелони утре на средба во Рим посветена на напорите за борба против илегалната имиграција

Рим, 15 декември 2023 (МИА) - Лидерите на Италија, Велика Британија и Албанија утре во Рим ќе одржат трипартитна средба, посветена на темата миграција, објавија западните медиуми, повикувајќи се на Даунинг стрит 10.

Британскиот премиер Риши Сунак, албанскиот премиер Еди Рама и италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе разговараат во официјалната резиденција на Мелони во главниот град на Италија. Риши Сунак и Еди Рама ќе учествуваат и на политички настан организиран утре во Рим од страна на крајнодесничарската партија на Мелони, „Браќа на Италија“. На истиот настан се очекува да присуствува и американскиот милијардер Илон Маск.

Од канцеларијата на Сунак појаснија дека средбата меѓу тројцата лидери ќе биде посветена на напорите за борба против илегалната имиграција и организираниот криминал.

Односите меѓу Сунак и Мелони се зајакнаа во текот на годината, благодарение на желбата на двајцата лидери да се борат против нелегалниот проток на мигранти во нивните земји.

Во октомври, Мелони и Сунак доставија писмо упатено до европските лидери за да побараат од нив да ги заострат политиките за справување со илегалната миграција.

Италија и Велика Британија потпишаа договори со Албанија за ограничување на илегалната миграција од таа земја. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан