• петок, 22 ноември 2024

Врачени изводи на десетина граѓани без документи, до крајот на годината сите 540 ќе бидат запишани во матична книга на родени

Врачени изводи на десетина граѓани без документи, до крајот на годината сите 540 ќе бидат запишани во матична книга на родени

Скопје, 8 август 2023 (МИА) - Во Управата за водење на матични книги на околу 112 лица без документи денеска им се врши дополнување на документацијата за добивање на извод од матична книга на родени, а на десетина од нив им се врачени изводите. До крајот на годината, сите 540 ќе бидат запишани во матична книга на родени, изјави директорот на Управата за водење на матични книги Емир Сулејмани.

Тој додаде дека оваа постапка треба да биде завршена до крајот на 2023 година, со што сите лица без документи - 540 граѓани, ќе бидат запишани во редовна матична книга на родени.

-Повикувајќи се на деценискиот проблем што го имаат одредена група на граѓани, кои имаат елементарни потреби од социјално, здравствено и други услуги, ние како Управа за водење на матични книги пред одредено време формиравме работна група. Задача на работната група беше на поедноставен и поефикасен начин да им излеземе во пресрет на таргетираната група, луѓето кои не се запишани и немаат извод во матична книга на родени. Работната група се состои од повеќе членови, експерти, вработени во Управата, помал број тука од редакцијата а поголемиот број од регионалните единици. Со текот на времето се отвори и можност да се изврши изменување и дополнување на Законот за матична евиденција, рече денеска Сулејмани.

Како што посочи, со помош на Министерството за правда, невладините организации УНХЦР и ОБСЕ, и Центарот за социјални работи, се изготви изменување и дополнување на Предлог законот, а Собранието ги изгласа предлог измените.

-Во Законот предвидени се преодни и завршни одредби кои што определуваат точни рокови како треба да иде целата постапка и динамика. Ние до крајот на 2023 година оваа постапка треба да ја завршиме и сите лица кои ги има во нашите евиденција треба да бидат запишани во редовна матична книга на родени. Денеска ние спроведуваме акциски план со помош на невладини организации, околу 112 лица вршат дополнување на документација, рече Сулејмани.

Тој додаде дека на одреден број од граѓаните, веќе денеска на рака ќе им се издаде извод од матична книга на родени, а во следниот период ќе добијат и граѓаните кои имаат таксативни барања кои се во рамките на законските измени. Позитивно е, како што рече, што во предлог измените на законот тргнати се ДНК и отежувачките околности за добивање на документи. 

-Доколку странката не поседува ниту свидетелство, ниту пријава од болница, потребни се три изјави изготвени со правилник, кои од вчера официјални се објавени во службеник весник, и секој граѓанин со изјави од двајца сведоци ќе може да го докаже својот идентитет и ќе биде запишан во редовна матична книга на родени, рече Сулејмани.

Тој упати апел до сите кои претходно се пријавени на јавниот повик, да дојдат во канцелариите на Управата.

-Мислам дека до крајот на годината кога ќе ги завршиме сите работи, ќе бидеме прва држава во Европа која ќе нема нерегистрирани лица, додаде тој.

Адвокатката Маја Ристовска Стојановска, полномошник на лицето Селвет Етемовска, изјави дека благодарение на овие законски измени, за првпат денеска Етемовска ќе добие извод од матична книга на родени и ќе може да ја продолжи постапката пред МВР каде ќе може да добие документи за идентификација.

-Етемовска е родена пред 24 години и до сега нема утврдено идентитет, односно не е запишана во редовната матична книга на родени. Оваа постапка што е поведена и се применува е многу значајна, затоа што ќе можат да ги решават своите животни прашања. Во конретниот случај, Селвет веќе е соживеана со друго лице и не може да склучи брак. Има деца кои што не може во изводот на матична книга на родени затоа што таа нема идентитет. Со оваа постапка, решенија кои што се нудат, денеска Селвет ќе добие извод од матична книга на родени и за едното детенце. Се дава простор да може да не се раѓаат нови лица со незапишан идентитет, туку едноставно ова решение да биде од траен карактер, рече Стојановска.

Етемовска за МИА изјави дека е многу сум благодарна за можноста да добие извод, со ќе и помогне во однос на здравствено осигурување, но и да може да работи. бт/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан