• недела, 22 декември 2024

Судско рочиште во Прилеп: Жителите на Оревоец бараат времена мерка против „Бехтел и Енка“

Судско рочиште во Прилеп: Жителите на Оревоец бараат времена мерка против „Бехтел и Енка“

Прилеп, 10 јули 2024 (МИА) - Во прилепскиот Основен суд денеска по трет пат се одржа судското рочиште на кое жителите на прилепско Оревоец бараат времена мерка против ископот што го прави „Бехтел и Енка“ до нивното село.  Ископите, сметаат, ги загрозуваат здравјето на жителите, животната средина и имотите, а жителите протестираат повеќе од два месеца.

Според адвокатот, Жаре Стеваноски, застапник на жителите, на рочиштето на кое конечно се појавиле застапниците на „Бехтел и Енка“ и на ЈП за државни патишта, сите страни ги изнесле своите аргументи, но тужените немале ниту документација, ниту дозволи за изведувачките работи. Не е направен елаботерат за заштита на животната средина ниту откако во април надлежното министерство побарало, а нема ниту елаборат за рударски ископувања, ниту Б-интегрирана дозвола.

-Застапниците на „Бехтел и Енка“ и на ЈП за државни патишта неаргументирано ги изнесуваа своите ставови иако од нив, експлицитно, беше побарано на рочиштето да достават докази за поседување соодветни одобренија, лиценци, дека не постапиле соодветно по одлуки на Министерството за животна средина. Имаше само паушални аргументи за важноста на проектот дека е од јавен интерес, дека е за добро на граѓаните, иако таквите наводи не беа поткрепени со ниту еден материјален доказ. Очекуваме од судот да биде донесена времената мерка која ја бараме, пред сѐ, поради непочитување на Законот за јавен интерес. Апелираме што побрзо да се донесе оваа мерка за ние во натамошниот тек во постапката да докажеме дека не смее да се повтори еден ваков проект, односно да има проекти, но да не се одразуваат на штетен начин врз месното население и животната средина, изјави Стеваноски.

Судот оставил рок до петок да се поднесат извештаите за трошоците во постапката и се очекува одлуката да ја донесе во почетокот на наредната недела. „Бехтел и Енка“ укажале дека во друга постапка жителите може да си бараат надомест за штетата.

-Тие нудат пари за надоместување на штетите, но немаа одговор на прашањето колку пари вреди еден човечки живот во случај на евентуално рушење на објектите врз жителите и колку чини здравјето на луѓето, рече Стеваноски.

Жителите на Оревоец се категорични дека нема да се откажат од протестите иако имаат големи притисоци и навредени се од понудата да им се исплатат отштети.

- Незадоволни сме зашто од нас побараа да кажеме која е нашата материјална штета. Сакаат да не исплатат, а нематеријалната штета е голема: ни се загади воздухот, ни се загади почвата, пробија еден извор со вода, вршат репресија врз селаните, провоцираат, снимаат, едноставно сакаат да има кавга, да биде инволвирана полицијата. Не се откажуваме од протестите. Се надеваме дека судијката ќе биде на страната на правдата, на народот, рече Рубин Рујаноски, жител на село Оревоец.

Жителите се жалаат дека конзорциумот се однесувал спрема нив насилнички и сакале, едноставо, да ги исплатат.

-Се однесуваат насилнички, нудат само да нѐ исплатат. Нѐ снимаат, нѐ третираат како животни. Ние само порачуваме дека си ги браниме домовите и никаде не отидовме на туѓо. Тие се дојдени и нѝ го уништуваат живеењето, рече Дејан Ачкоски, жител на Оревоец.                                                .

Жителите бараат и Уставниот суд да се огласи по нивната иницијатива за оценување на уставноста на проектот и ископите. ем/аа/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан