• вторник, 05 ноември 2024

Судски совет ја отфрли како неоснована претставката од Бране Петрушевски, по пресудата за навреда и клевета  

Судски совет ја отфрли како неоснована претставката од Бране Петрушевски, по пресудата за навреда и клевета  

Скопје, 2 февруари 2024 (МИА) - Судскиот совет ја отфрли како неоснована претставката за нестручно и несовесно постапување на судија од Основниот суд Куманово во предмет за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета и надомест на нематеријална штета каде како тужител се јавува Мартин Костовски и тужена страна, подносител на претставката е Бране Петрушевски. 

Основниот суд Куманово на 1 ноември 2023 година донел пресуда со кое тужбеното барање делумно е усвоено и е утврдена граѓанска одговорност на тужениот за навреда и клевета и задолжен да плати штета, а пресудата да ја објави во дневен весник. 

Лорета Георгиева рече дека претставката е од 16 ноември и според наводите, изјавата, на која се повикува како повреда Петрушевски смета дека ја има дадено од собраниска говорница во својство на пратеник и дека ужива пратенички имунитет и не треба да биде повикан на одговорност. 

Георгиева, посочи дека побарала изјава од судијата што постапувал по предметот, кој доставил обемна изјава со елаборирање на конкретни одредби и образложение на предметната одлука. 

- И во одлуката и во изјавата, смета дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета. И од истите причини смета дека не може да биде амнестиран било кој, кога изнесува лаги и невистини и прави штета на угледот на личноста и пошироко. Со оглед дека се работи за пратеници, со тоа и на партијата и граѓаните кои ова лице ги претставува и врз основа на чии гласови е пратеник. Сакам ваше размислување. Јас лично се согласувам со изјавата на судијата и сметам дека никој не може да си допушти да изнесува невистини. Предлогот е неосновано, појасни Георгиева. 

Таа посочи дека не смета дека излегува од рамките со тоа што кажала свој личен став во делот на изјавата на судијата, и дека нејзин краен заклучок е дека сепак се работи за жалбени наводи кои ќе бидат ценети во друга постапка.

Во расправата, Антоанета Димовска рече дека се согласува дека претставката е неоснована, но оти не би се пуштила во такви детали, бидејќи, како што посочи, претпоставува дека по овој предмет ќе има жалба и ќе си каже жалбениот суд. 

-  За мене судијата одржал рочиште, донел пресуда, го искажал својот правен став и толку. Се друго е предмет на жалба. Не би се впуштила во меритумот на одлучувањето. На тој начин да се образложи, а дека е неосновано, е неосновано, изјави Димовска. 

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, посочи дека личниот став останува на членот и не смее да се смета за прејудицирање и став на Советот. 

- При мериторното одлучување сакам како член да се одградам од тоа, изјави Дамева. 

Судскиот совет на продолжението на денешната 476-та седница расправаше по повеќе претставките и поплаките од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите, поднесени до советот. 

Советот, на денешната седница разгледа повеќе претставките, кои во најголем дел беа отфрлени како неосновани, бидејќи се однесуваат на незадоволство на конкретни судски одлуки. Во дел од претставките, Советот утврди дека иако се затвораат, постои утврдена различна судска пракса во некои делови, за што откако ќе бидат писмено срочени, ќе бидат посочени до Врховниот суд за усогласување за судската пракса на различни апелациони подрачја за исти работи.

Основниот суд Куманово во ноември минатата година донесе пресуда со која утврдува граѓанска одговорност за навреда и клевета на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, по тужба од пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.

По ваквата одлука, Петрушевски објави дека е осуден за, како што вели тој, став искажан на собраниска говорница, и дека ова е првпат во историјата на плурализмот пратеник да е осуден за став. На 16 ноември Петрушевски поднесе претставка до Судскиот совет против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово.

Костовски, во објава на социјалните мрежи, по пресудата, напиша дека Петрушевски во неколку наврати го навредувал и изнесувал невистини и клевети за него.

- Политиката не е средство меѓусебно да се повредуваме, туку напротив, за мене политиката е можност да го дадеш најдоброто од себе за државата и народот. Тој не е осуден затоа што е пратеник на опозиција и за да се замолчи, туку затоа што зборува невистини, лаги и навреди. И на крај од секој од нас зависи како ќе се однесуваме на говорница, на емисија, на прес-конференција, да се бориме со идеи не со лаги и навреди, напиша Костовски. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан