• недела, 22 декември 2024

Судскиот совет го усвои Акцискиот план за спроведување на препораките на ЕУ

Судскиот совет го усвои Акцискиот план за спроведување на препораките на ЕУ

Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) – Судскиот совет денеска ја одржа 480. седница на која го усвои Акцискиот план за спроведување на препораките на Европската унија упатени до Советот.

Европската унија има упатено вкупно 17 препораки до Судскиот совет, од кои пет се во насока на избори и именувања во Советот, една препорака во делот на дисциплинските постапки, девет во делот на транспарентноста и комуникацијата, како и две препораки во делот на ресурси и финансии.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева истакна дека целта и патоказот за понатамошното движење на Судскиот совет е во насока на зацврстување на угледот на Советот и затоа, како што рече, Акцискиот план бил работен многу интензивно откога веќе го имале извештајот на Оценската мисија.

– Ова е еден од основните елементи, што ќе значат патоказ понатаму како сакаме да се движиме и дали на некој начин Судскиот совет да го зацврстува угледот, не викам дека го нема, но да го зајакнува својот углед, рече Дамева.

Според Антоанета Димовска, државата не го обезбедува потребниот буџет и судството зависи од проекти коишто по одреден временски период завршуваат и затоа, како што рече, тие немаат одржливост и поради тоа се бележат негативни поени во судството.

Селим Адеми, во расправата рече дека Советот треба да работи врз основа на закон и Устав, без разлика како тоа ќе го сфати јавноста.

– Без разлика дали јавноста ќе не критикува дека ние се бориме за поголеми плати на судиите, дека другите имаат мали плати, тоа е друг проблем, ние не сме надлежни за тоа. Ние овде да го почитуваме законот и Уставот, не да им влеваме доверба на граѓаните. За доверба на граѓаните ќе трчаат политичарите од врата на врата. Ние треба да бидеме јавни и транспарентни во тоа што го работиме без разлика како ќе не цени јавноста, рече Адеми. 

На денешната седница на Судскиот совет има девет точки на дневен ред. Меѓу нив се и утврдувањето на престанок на судиска функција поради исполнување услови за старосна пензија, избор на судии поротници на Основниот кривичен суд Скопје и Основниот суд Гевгелија, разгледување на извештаите за четвртото тримесечје за работата на судовите, разгледување на прашањето за начинот на постапување на Советот по донесувањето на Одлуката на Собранието за распишување на претседателски и парламентарни избори, а во врска со објавен оглас за избор на членови на Судскиот совет.... ра/бак/

Фото: МИА/принтскрин

 

Остани поврзан