• понеделник, 23 декември 2024

Судот во Брисел ја разгледува тужбата на ЕК против Астра Зенека

Судот во Брисел ја разгледува тужбата на ЕК против Астра Зенека
Брисел, 28 април 2021 (МИА) - Надлежниот суд во Брисел денеска почна да ја разгледува тужбата поднесена од Европска комисија против фармацевтската компанија Астра Зенека за непочитување на договорените рокови за испорака на вакцината против Ковид-19. ЕК во понеделникот соопшти дека ја тужела Астра Зенека за непочитување на договорот за снабдување со вакцини против Ковид-19 и затоа што компанијата нема кредибилна програма да обезбеди редовна испорака. Одложувањата во испораката на вакцини од британско-шведска компанија се смета за една од причините зошто Европска Унија доцни со вакцинирањето на населението зад Велика Британија, САД и Израел. Адвокат на ЕК пред судот во Брисел изјави дека ЕУ бара итна испорака од сите фабрики наведени во договорот, вклучително и од фабриката во Велика Британија, која повеќе не е членка на Европска Унија. На сослушувањето, кое е отворено за јавноста и се одржува по итна постапка, адвокат што ја застапува Астра Зенека истакна дека договорот не предвидува обврска на компанијата да доставува вакцини од сите нејзини фабрики. Астра Зенека има фабрики во Холандија и во Белгија, кои се членки на ЕУ, но и во Велика Британија. ми/

Остани поврзан