• недела, 22 декември 2024

Судијата Сашко Георгиев избран за нов претседател на Судскиот совет (ДПЛ)

Судијата Сашко Георгиев избран за нов претседател на Судскиот совет (ДПЛ)

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Судскиот совет попладнево на продолжението на 439-тата итна седница со осум гласа „за" и четири „против" го избра судијата Сашко Георгиев за нов претседател, откако претходно на две нејавни седници го „расчистил“ патот за излез од состојбата во која се најде со одуката од 26 април годинава за разрешување од функцијата на претходната претседателка Весна Дамева.

Претходно денеска Судскиот совет одржал две нејавни седници 440 и 441, на кои, како што информираше преку соопштение објавено по изборот на Георгиев за нов претседател, најпрво била донесена одлука со која се става вон сила решението за разрешување од функцијата претседател на Судски совет на Весна Дамева од 26 април годинава, а потоа со девет гласа „за“ била донесена одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет.

Седницата ја водеше заменикот Селим Адеми, за кој, исто така во соопштение по седницата Судскиот совет информираше дека поднел оставка, но со одложено дејствие до избор на нов претседател на Судскиот совет. Адеми, на седницата пред гласањето посочи дека претседателот на Судски совет се избира со осум гласа од членовите со право на глас.

На седницата не присуствуваше претходната претседателка на Советот Весна Дамева.

Пред гласањето Георгиев рече дека гордоста е на негова страна што го предлагаат и оти го прифаќа предлогот само ако е од сите заедно и дека очекува сите заедно, сплотени и со натпросечен придонес да придонесат за враќање на довербата.

- Знаеме неколку дена во каква состојба се доведе Судскиот совет, од друга страна еве смогнавме сили, само ние знаеме како, меѓу нашите состојби тука, најдовме сили и можности да се извлечеме од таквата состојба, во смисла да ја враќаме пред се довербата меѓу нас, а од друга страна и воопшто на судството и државата. Значи колеги, мислам дека го расчистивме патот да дојдеме до оваа фаза да бираме претседател, од друга страна, сметам дека тоа е законит и легален пат. Во тој дел бевме едногласни. Колеги, гордоста е на моја страна што ме предлагате во таквата состојба за да продолжиме да работиме и да ја враќаме довербата и имаме резултати во работата. Очекувам колеги, само сите заедно, сплотени и со надпросечен придонес од самите себе да смогнеме сили да ја враќаме довербата и меѓу нас, а од друга страна и меѓу граѓаните, изјави Георгиев.

Доколку, посочи Георгиев, произлегува искрено од колегите, го прифаќам овој предизвик и, уште еднаш, ги повика сите да придонесат во работата.

По гласањето, членовите на советот Мирјана Радевска Стефкова, Зоран Герасимоски, Ивица Николовски и Мери Радевска, без да образложуваат за работата на колегата кажаа дека „принципиелно гласале против" бидејќи, како што посочија Сашко Георгиев гласал за разрешувањето и со тоа и самиот придонел за состојбата во која се најде Судскиот совет. 

Новоизбраниот претседател на Судски совет Сашко Георгиев, доаѓа од Штип. Како што стои во неговата биографија на веб страницата на Судски совет, тој положил правосуден испит од 2000 година, по што од 2001 до 2008 работел како адвокат во канцеларија во Штип. Од тогаш, па се до 2018 година, кога е избран за член на Судскиот совет, работи како судија кривичар во штипскиот Основен суд.

Судскиот совет, како што појасни Георгиев во изјава за медиумите по неговиот избор, изминатите денови имал неколку колегиуми, а денеска одржал и затворена за јавност седница, за како што посочи, надминување на состојбата во која се наоѓал Советот.

Одлуката седницата да биде затворена за јавноста, Георгиев ја оправда со „нарушените меѓучовечки односи“ во Судскиот совет.

-  Одлучивме едногласно во отсуство на јавноста да одржиме седница, имајќи предвид дека во законот за Судски совет е предвидена можност да се исклучи јавноста, особено за сензитивни точки на дневен ред кога се дискутира за некаква доверба и за некакви ситуации, во кои што не беше спорно дека демнееше тоа меѓу јавноста и меѓу нас како членови дека требаше некои работи да се отворат и да се кажат пред сите. Тоа се случи, разговаравме, дискутиравме. Тоа беше два-три дена и дојдовме до заклучок дека треба така да постапиме. Тоа е едногласна одлука на целиот Совет. Знам дека не е транспарентно, но има една работа, се најдовме во таква ситуација каде што, а согласно законот тоа е нужно и потребно, да можеме да дискутираме и без јавност. Имавме пред јавноста многу состојби кога следевте директно од седница, каде што јавноста и граѓаните го цена тоа како недозволиво, скандалозно, но од тие причини, мислам и дека не згрешивме кога некои работи ги расчистивме и дојдовме до таков заклучок, изјави Георгиев.  

По изборот на Георгиев, Судскиот совет објави соопштение на својата веб-страница од 440-та нејавна седница одржана денеска во 13:30 часот, на која како што информираат, била донесена одлука со која се става вон сила решението за разрешување од функцијата претседател на Судски совет на Весна Дамева.

-   Судскиот совет на Република Северна Македонија по барање за свикување на итна нејавна седница согласно чл.38 ст.3 од Законот за Судскиот совет на РСМ, на 04.05.2023 година (четврток) во 13.30 часот ја одржа 440-та итна нејавна седница на која едногласно беше донесена одлука за исклучување на јавноста согласно чл.39 ст.2 од Законот за Судскиот совет на РСМ, по што донесе одлука со која се става вон сила решението на Судскиот совет на РСМ бр.02-901/1 од 26.04.2023 година со кое Весна Дамева се разрешува од функцијата претседател на Судскиот совет на РСМ, сметано од 26.04.2023 година, се вели во соопштението од Судски совет. 

Судскиот совет, исто така, информираше дека денеска одржал и 441 итна нејавна седница, на која, како што се вели во соопштението, со девет гласа „за“ била донесена одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет.

-  Судскиот совет на Република Северна Македонија  по барање за свикување на итна нејавна седница согласно чл.38 ст.3 од Законот за Судскиот совет на РСМ на 04.05.2023 година (четврток) во 14:00 часот ја одржа 441-та итна нејавна седница на која едногласно беше донесена одлука за исклучување на јавноста согласно чл.39 ст.2 од Законот за Судскиот совет на РСМ и врз основа на  изгласаната недоверба на Претседателот на Судскиот совет на РСМ Весна Дамева, со 9 гласа „За“, донесена е Одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет на РСМ, се вели во соопштението од Судски совет. 

Воедно, како што информира Судскиот совет, на таа седница била донесена и одлука со која се констатира оставката на Селим Адеми од функцијата заменик претседател на Судскиот совет на РСМ, со одложно дејство до избор на нов претседател на Судскиот совет на РСМ, објавување на одлуката за избор во Службен весник на РСМ и негово запишување во Централен регистар за овластен потписник на сите акти и сметки на Советот.

Разрешувањето на Дамева и случувањата во Судскиот совет предизвикаа бројни реакции во јавноста, а правите експерти го оценија како нелигитимно.

Весна Дамева беше разрешена неочекувано минатата среда на јавна седница на Судскиот совет,  Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место. 

Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“.

Судскиот совет, денешното продолжение на 439-та итна седница која претходно беше одложена за завчера, ја закажа попладнево на 15 минути пред нејзиниот почеток во 16:30 часот. аа/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан