• недела, 22 декември 2024

Судиите избираат двајца нови членови на Судскиот совет

Судиите избираат двајца нови членови на Судскиот совет

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) - Судиите денеска гласаат за два нови члена на Судскиот совет, еден од редовите на врховните судии и еден од апелационо подрачје Битола.

На избирачките ливчиња од редот на врховните судии се кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, а од битолското апелациско подрачје се судиите Александар Камбовски, Татјана Сусулеска – судии на Апелационен суд Битола и Александра Поп Стефанија - судија на Основен суд Охрид.

Судскиот совет не ѝ дозволи на судијката Цветанка Периќ да се повлече од изборите, иако таа поднесе известување дека се повлекува од изборната трка од здравствени причини.

Гласањето за избор на членови на Советот од редот на судиите започнува во 8 часот и трае непрекинато до 15 часот. Судиите гласаат за кандидатите од своето апелациско подрачје, додека врховните судии гласаат за кандидат од Врховниот суд.

Судиите се идентификуваат со судиска легитимација и гласаат тајно.

По затворање на гласачкото место Избирачкиот одбор најдоцна до 18 часот составува записник за текот и резултатот на гласањето и ја известува Комисијата за избор.

Комисијата за избор ги сумира резултатите од изборните места и го утврдува изборниот резултат во изборните единици најдоцна во рок од 48 часа од моментот на затворање на изборите и е должна преку веб страницата на Советот да обезбеди јавноста директно да го следи сумирањето на изборниот резултат.

За избран член на Советот се смета кандидатот што добил најголем број гласови по изборни единици, ако повеќе кандидати добиле најмногу и еднаков број гласови од една изборна листа, изборите за овие кандидати ќе се повторат во рок од седум дена од денот на гласањето.

Согласно Законот за судски совет членовите на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат во Судскиот совет. аа/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан