• четврток, 26 март 2026

Началникот на суданската армија, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан го назначи Камил Идрис за премиер на Судан

Началникот на суданската армија, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан го назначи Камил Идрис за премиер на Судан

Картум, 19 мај 2025 (МИА) - Началникот на суданската армија, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан денеска го назначи Камил Идрис, поранешен генерален директор на Светската организација за интелектуална сопственост на Обединетите нации и поранешен претседателски кандидат, за премиер на владата раководена од војската во таа земја. 

Тоа исто така е прво назначување на премиер по државниот удар во октомври 2021 година, со кој беше соборена цивилната влада и беше поставена привремена влада. Сепак, сè уште не е јасно колку моќ ќе има премиерот во услови на тековната разорна војна против паравоените Сили за брза поддршка, раководени од генерал Мохамед Хамдан Дагало. 

Идрис е назначен помалку од еден месец откако генерал Ал-Бурхан го избра дипломатот Дафала ал-Хаџ Али за вршител на должноста премиер, потег кој подоцна се чини дека не стапи на сила. Назначувањето на цивилен премиер и формирањето на нова влада се очекуваа уште од крајот на март, кога суданската армија ја презеде контролата врз главниот град Картум, истиснувајќи ги борците од Силите за брза поддршка од областа, забележуваат агенциите. рп/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан