Студиска посета на пратеничката Лидија Петкоска во Сараево
- СООПШТЕНИЕ - Пратеничката Лидија Петкоска, како членка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите беше во студиска посета на Сараево, Република Босна и Херцеговина. Заедно со 16 парламентарки од регионот на Источна Европа и Централна Азија ги запознаа институционалните механизми, правните рамки и системите за поддршка на жените.
Скопје, 3 јуни 2025
Пратеничката Лидија Петкоска, како членка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите беше во студиска посета на Сараево, Република Босна и Херцеговина.
Заедно со 16 парламентарки од регионот на Источна Европа и Централна Азија ги запознаа институционалните механизми, правните рамки и системите за поддршка на жените.
Посетија бројни институции при што ги споделија сопствените искуства и позитивни примери, дебатираа за предизвиците со кои се соочуваат жените и ги разгледуваа можностите за примена на позитивните искуства, мерки и практики во законодавствата и државите од кои доаѓаат.
За време на студиската посета се сретнаа со Џастин Кулсон - претставничка на УНФПА Босна и Херцеговина, Н.Е. Тошихиро Аики - Амбасадор на Јапонија во Босна и Херцеговина, Самра Филипович Хаџиабдич - директорка на Агенцијата за рамноправност на половите во Босна и Херцеговина, Фарук Усмонов - Извршен директор на Азискиот форум на Парламентарци за Популација и развој.
При тоа се запознаа со клучните институции и нивоата на владеење во Босна и Херцеговина, ги анализираа постоечките механизми, нивната улога, одговорност и ефикасност во промоцијата на еднаквите можности на жените и мажите, а воедно ја истражуваа законската рамка и институционалните механизми кои се однесуваат на еднаквите можности, вклучувајќи ги силните страни, слабостите и областите за потенцијално подобрување.
Во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, заедно со секретарката и потпретседателката на Комисијата за еднакви можности споделија практики од земјите што ги претставуваат за:
- законодавните рамки,
- клучните области од глобалните конвенции на кои сме посветени,
- иницијативите за еднакви можности,
- Резолуцијата 1325 од Советот за безбедност на ОН за жени, мир и безбедност и многу други теми кои се фокусирани на подобрување на положбата на жените и нивно јакнење.
Ја посетија болницата Абдула Накаш во чии рамки функционира Кризниот центар за заштита на жртви од сексуално насилство. На лице место се запознаа со начинот на кој функционира центарот, услугите за здравствена поддршка, вклучувајќи ја и рехабилитацијата на жртвите, односно го запознаа целиот тек на процесот од пријавување на насилството, до нормализирање на состојбата на жртвата.
На Правниот факултет имаа плодна дебата за историскиот развој на правниот систем во Босна и Херцеговина, со специфичен фокус на клучните реформи поврзани со законодавството за еднакви можности, од неговите почетоци до денес.
Ја споделија визијата за еднаквите можности во општеството, мисијата за заштита на човековите права на маргинализираните групи и ги идентификуваа најдобрите пристапи и решенија на полето на еднаквите можности на жените и мажите и зајакнувањето на жените.
Во Ал Џезеира Балканс им беа претставени дигиталните алатки, методите за проверка на факти и начините за креирање на содржина, а со едиторите на ,,Давање глас на безгласните" ги дебатираа најдобрите практики за соработка помеѓу Ал Џезеира и борците за човекови права.
Во Федералниот парламент на Босна и Херцеговина беа гости на спикерот на парламентот - Драган Миокович, заедно со претседателката на комисијата за еднакви можности и претседателот на комисијата за труд и социјална заштита. Со нив ги споделија искуствата за мерките, политиките и стратегиите за поддршка на семејството и демографските трендови, како и нивниот импакт врз економската активност на жените.
Одблиску се запознаа и со работата на Министерството за граѓански работи, каде што ги идентификуваа адаптабилните стратегии во повеќе области, соодветни за државите од кои доаѓаат.
Студиската посета ја завршија како гости на градоначалникот на Општина Стар град, Сараево - Ирфан Ченгич. Тој им ги презентира убавините на Баш чаршија, местото каде што Истокот се сретнува со Западот и сите убавини кои ги нуди Сараево.
Се враќаме со многу нови искуства, кои ќе ни бидат од корист во идното делување, истакна пратеничката Петкоска по враќањето од студиската посета на Сараево.
Собрание на РСМ
Фото: Собрание на РСМ
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.