• понеделник, 25 ноември 2024

Студентски протест пред Министерството за образование и наука

Студентски протест пред Министерството за образование и наука

Скопје, 5 февруари 2024 (МИА) – Пред Министерството за образование и наука попладнево почна најавениот протест на студентите кои на ваков начин одлучија да изразат незадоволство од ефикасноста на МОН бидејќи не ги почитува роковите за  исплата на стипендиите и на други субвенции.

Организатор на протестот е Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кое соопшти дека студентите  „го креваат гласот обединети“, затоа што имаат поддршка  и од универзитетските студентски собранија на државните универзитети „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Мајка Тереза“, како и од приватните универзитети АУЕ-ФОН и Американ колеџ.

"Сакаме промени, сакаме одговорност" извикуваат студентите кои револтот го изразуваат со свирежи, транспаренти и "црвени картони", собрани на булеварот пред МОН кој е затворен за сообраќај.

Со протестот студентите бараат поголема ефикасност на МОН поради ненавремена исплата на студентските стипендии, задоцнети исплати на ваучерите за превоз, доцнења со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблеми со мерката субвенциониран студентски оброк, поради непочитување на утврдените рокови и, како што велат, проблеми во координираноста помеѓу одделенијата во Министерството.

На протестот учествува и неформалната организација „Студентски отпор“ која претходно закажа протест пред МОН во 16 часот, но се придружи на иницијативата на УСС на УКИМ  и на заеднички протест во 14 часот заради масовност и единственост во барањата. Како што соопшти, „само обединети и заедно можеме да се избориме за нашите студентски права“. хс/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан