• понеделник, 23 декември 2024

Студентската унија на Албанците организира изложба за собирање средства за упис на студенти во прва година

Студентската унија на Албанците организира изложба за собирање средства за упис на студенти во прва година
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Студентската унија на Албанците денеска пред Универзитетот на Југоисточна Европа, во рамки на мрежата формирана од Цивика мобилитас и организацијата Легис насловена „Прва мрежа“, организира изложба на цртежи направени од страна на две студентки, со цел, средствата собрани од нивната продажбата да се донираат на студенти кои немаат можност да запишат прва година поради финансиски причини. Нермине Хамиди. претставничка на Легис и на Студентската унија, рече дека идејата на оваа хуманитарна акција е резултат на мрежата што се формираше во рамките на Легис и Цивика мобилитас со наслов „Прва мрежа“, што делува во кризни времиња и им помага на луѓето. - Идејата дојде од тесниот круг на студентите каде што ни текна дека има многу матуранти кои имаат тешкотии да се запишат во првата академска година. Немаат сите исти услови за влез во академскиот живот, така и настана идејата да ја организираме оваа акција која се вика „Поддршка од првиот момент“, истакна Хамиди. Една од уметничките која се приклучи во изложбата, Елјеса Салихи, којашто студира на Архитектонскиот факултет при УКИМ, рече дека не случајно е избран насловот „Сиромаштијата и младите“ за оваа изложба, затоа што секоја слика ја дава таа порака. - Јас и самата сум студентка, но и утре кога ќе имам своја професија ќе продолжам да го направам истото, затоа што во нашата држава студентите имаат голема потреба за помош од интелектуалци и од луѓето што имаат повеќе и треба да ни помогнат како студенти, изјави Салихи прашана за нејзините чувства по фактот дека таа е практично донатор со нејзините цртежи во оваа акција. Нејзината колешка од истиот Факултет, Семра Рашити, изјави дека нивната донација била само слики и бои и подготвувањето на цртежите, со цел што некој студент или студентка да имаат придобивка од ова. - Сакавме да ја претставиме уметноста на поинаков начин, бидејќи многу луѓе уметноста ја гледаат само како украс кој треба да се постави во некој агол, но уметноста на овој начин се прикажува и како солидарност дадена на различни луѓе кои имаат потреба. Во нашиот случај неколку студенти ќе имаат корист од уметноста, потенцираше Рашити. сх/сп/

Остани поврзан