Струшките пожарникари добија специјални заштитни одела
- Струшките пожарникари добија 13 специјални заштитни одела, сертифицирани да издржат температури над 600 степени Целзиусови, донација од семејството Етеми од Швајцарија.
Струга, 31 јули 2026 (МИА) - Струшките пожарникари добија 13 специјални заштитни одела, сертифицирани да издржат температури над 600 степени Целзиусови, донација од семејството Етеми од Швајцарија.
Иницијативата, како што соопшти Општина Струга, е на Фаис Етеми од селото Франгово, кој е доброволен пожарникар во противпожарна единица во општината каде што живее во Швајцарија, со цел да даде свој придонес за своите колеги во родниот крај.
- Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, изрази благодарност до семејството Етеми, истакнувајќи дека ваквите донации се од особено значење, бидејќи ја олеснуваат секојдневната работа на пожарникарите и ја зголемуваат нивната безбедност при интервенции во тешки и ризични услови, соопшти Општина Струга.

Тоа, додаваат, е првата донација на специјална заштитна опрема за пожарникарите по повеќе од 20 години, што претставува значаен придонес за подобрување на условите за работа и нивната безбедност.
Општина Струга информира дека во завршна фаза е постапката за реализација на нова донација за Територијалната противпожарна единица од партнерска општина од Германија. сс/дма/
Фото: Општина Струга